Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, во денешната реакција за протестот на опозицијата пред зградата на Јавното обвинителство наведува дека тоа е веќе виден обид на СДСМ за вршење политички притисок врз институциите, на службениците и на овластени лица кои работат во нив.
– Во изминативе недели бевме сведоци на агресивно однесување и пред надлежните интитуции во Штип и другите градови. Овој континуиран и оркестриран притисок СДСМ го прави и кога бара одговорност од други и кога самите се предмет на кривични одговорност и поднесени кривични пријави. Затскривањето зад актуелната политичка кампања и зад одамна спреманото, но за среќа небулозно сценарио за дестабилизирање, во кое на прво место е предвиден божемен отпор, односно свесно планирани провокации и инциденти пред и во институциите, нема никого да го амнестира од одговорноста за сопственото постапување – посочува Вељаноски.
Затоа, кога ваквата одговорност е предмет на разгледување, се посочува, сосема е упатно во контекст на настаните во Собранието да се разгледа насилното однесување на дел од пратениците од опозицијата кои спречуваа службено лице во вршење службено дејство, односно примената на членот 382 од Кривичниот законик во кој е предвидена казна затвор до три години.
– Во однос на тоа што навистина е срамота во македонската политика, на испуканиот политички ќор-фишек, Шекеринска, на која не ѝ е првпат неволно врвот на СДСМ да ја расшетува пред институциите што се занимаваат со примена на правото, би ѝ порачал дека е голема срамота големиот поборник за ЕУ, како што таа му се прикажува на Брисел, на дневна основа да биде активист и практикант на старата метода на замена на тезите и замената на нападнатите со напаѓачите и се друго што оди со ова болшевичко сценарио – пишува во реакцијата на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.