Вкупно 52 филма од 17 земји ќе бидат прикажани во официјалната програма на 4. издание на Меѓународниот фестивал на анимираниот филм „Анимакс Скопје фест“, што од денеска до 6 декември ќе се одржи во Скопје.
На, фестивалот, кој годинава ќе се одвива под мотото „Ако сите светат, ти блескај“, ќе бидат прикажани најдобрите и најнови филмови од светот на анимацијата, со оглед дека поголем дел од нив се носители на престижни награди и победници на реномирани фестивали во светот. Селекцијата на фестивалот е извршена од досега рекордни 326 пристигнати анимации.
Годинава за главните награди – златна, сребрена и бронзена тула, ќе одлучува четиричлено жири во кое ќе има двајца претставници од Македонија – Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на Кинотека на Македонија и Диме Ратајкоски, главен и одговорен уредник на МРТ, како и гостите Андреј Рубетској, светски афирмиран аниматор од Русија и Дорис Бауер, коосновач на Автсрискиот филмски фестивалски форум.
Секоја вечер ќе бидат прикажани по 15-16 филма или околу 100-тина минути фестивалска програма. Фестивалот се отвора со филмот „Чекајќи го мај“ на бардот на италијанската анимација Симоне Маси.
На првата вечер на фестивалот ќе се претстави и македонскиот аниматор Иван Ивановски со филмот „Конзо“.
Втората вечер ќе ја отвори францускиот „Кики од Монтпарнас“, а третата италијанскиот „ Убавина“, а дел од програмата ќе биде и „Човек на столчето“, овогодишен победник на Интернационалниот фестивал за анимиран филм во Франција.
Официјалната програма во трите фестивалски денови ќе почнува во 20 часот, а билетите ќе чинат 50 денари и ќе може да се набават на влезот на Кинотека на Македонија.
„Анимакс Скопје фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со Здружението на граѓани „Креативен центар Тинтири-Минтири“ од Скопје, со поддршка од Министерството за култура и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.