| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува „Анимакс Скопје фест“

logocrnopak

Вкупно 52 филма од 17 земји ќе бидат прикажани во официјалната програма на 4. издание на Меѓународниот фестивал на анимираниот филм „Анимакс Скопје фест“, што од денеска до 6 декември ќе се одржи во Скопје.
На, фестивалот, кој годинава ќе се одвива под мотото „Ако сите светат, ти блескај“, ќе бидат прикажани најдобрите и најнови филмови од светот на анимацијата, со оглед дека поголем дел од нив се носители на престижни награди и победници на реномирани фестивали во светот. Селекцијата на фестивалот е извршена од досега рекордни 326 пристигнати анимации.

Годинава за главните награди – златна, сребрена и бронзена тула, ќе одлучува четиричлено жири во кое ќе има двајца претставници од Македонија – Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на Кинотека на Македонија и Диме Ратајкоски, главен и одговорен уредник на МРТ, како и гостите Андреј Рубетској, светски афирмиран аниматор од Русија и Дорис Бауер, коосновач на Автсрискиот филмски фестивалски форум.
Секоја вечер ќе бидат прикажани по 15-16 филма или околу 100-тина минути фестивалска програма. Фестивалот се отвора со филмот „Чекајќи го мај“ на бардот на италијанската анимација Симоне Маси.

На првата вечер на фестивалот ќе се претстави и македонскиот аниматор Иван Ивановски со филмот „Конзо“.
Втората вечер ќе ја отвори францускиот „Кики од Монтпарнас“, а третата италијанскиот „ Убавина“, а дел од програмата ќе биде и „Човек на столчето“, овогодишен победник на Интернационалниот фестивал за анимиран филм во Франција.
Официјалната програма во трите фестивалски денови ќе почнува во 20 часот, а билетите ќе чинат 50 денари и ќе може да се набават на влезот на Кинотека на Македонија.
„Анимакс Скопје фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со Здружението на граѓани „Креативен центар Тинтири-Минтири“ од Скопје, со поддршка од Министерството за култура и Град Скопје, а во соработка со Кинотека на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top