| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: СДСМ се обидува со измислена афера да дојде на власт

 СДСМ цврсто се обидува со манипулации, монтажи и афери да дојде до власт. Со обвинувањата за наводно фалсификување на пасоши опозицијата шири груби манипулации, истакна денес премиерот Никола Груевски.

Премиерот исткна дека им е сосема јасно како „Фокус“ има дојдено до идејата за овие обвинувања.

– Жалам што СДСМ се обидува со манипулации, монтажи и афери да дојде до власт. Нас како ВМРО-ДПМНЕ ни одговара таквото нивно однесување, но за демократијата не е добро да се има опозиција на страна. Би било подобро за државата идеите да не доаѓаат само од власта, туку од повеќе страни. Тие доаѓаат до некоја идеја од денес за утре без да ја промислат, а фокусирани се само на темна кампања и манипулација – рече Груевски.

Со измислена афера за фалсификување пасоши, рече Груевски, СДСМ не може да ја манипулира јавноста.

-Помина времето во кое СДСМ можеше да манипулира со народот. Машината за правење на пасоши е огромна, а тие покажуваат едно мало машинче – исткна Груевски.

Премиерот посочи дека во оваа држава не смеат да се издадат ниту 20 фалсификувани пасоши бидејќи со народот не може да се манипулира и барем еден ќе реагирал, а камоли некој да помисли да фалсификува 20.000 или 200.000 пасоши.

И министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска апелираше до опозицијата ако поседува што било што ним им личи на патна исправа да го достави до МВР за да направи анализа, да провери и да се отстранат сите сомнежи.

– Ако немаат такво нешто и само манипулираат со јавноста тогаш нека си одберат друга тема за сопствена политичка промоција. Партиските гласила на опозицијата неколку дена се обидуваат да наметнат тема, но, тема не се наметнува само со партиска наредба и желба да се отвори, туку потребно е да понудите барем минимум аргументација која треба да биде логична, што не е случај овој пат. Апсурдно е да дебатираме за работи кои немаат никаква ниту стручна, ниту професионална, ниту елементарна логика. Гледам деновиве оти нивното однесување веќе наидува на потсмев кај граѓаните, но ние сме институција и сериозно постапуваме кон секое прашање. Доколку понудат каква било аргументација, подготвени сме да ја истражиме за целосно да се отргнат какви било дилеми, ако некој воопшто ги има. Меѓутоа, од она што можам да го видам во јавноста дилеми нема – рече Јанкулоска.

За употребната вредност на евентуално можните изработени фалсификувани пасоши, таа истакна дека каков било обид за изработка на нешто што некој мисли дека наликува на патен документ на Република Македонија многу брзо и едноставно сез абележува.

– Фактот што ниту еден од органите кои по службена должност во какви било прилики вршат идентификација, односно проверуваат документи, досега не посочил дека забележале производ што некој мисли дека наликува на патна исправа, зборува дека таков производ воопшто не бил ставен во промет. Значи, се уште не сме виделе нешто што некој мисли дека наликува на пасош, освен тврдењата на партиските гласила на опозицијата дека можеби  некаде постоело нешто што можеби личи на патната исправа, ама тие не го виделе, појасни министерката Гордана Јанкулоска по денешната акција „Ден на дрвото“ на булеварот „Киро Глигоров“ во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top