| четврток, 6 декември 2018 |

Премиера на соло-перформансот „Херој“

balet

Танцовото студио и портал за современи изведувачки уметности „Зодијак“ од Прилеп, во петокот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ премиерно го изведе новиот соло-перформанс на кореографот Кире Миладиноски, „Херој“.

Ова е најнова продукција на ова танцово студио, а воедно мал јубилеј од првото соло на Кире Миладиноски и заокружување на кореографскиот триптих (2004-2014). Перформансот се занимава со истражување на релациите меѓу мајка и син, верските убедувања и жртвувањето како форма на херојски чин. Текстот на наративното дејство е само отсликување на реалниот живот и тоа што се случува на Блискиот Исток виден низ призмата на една емотивна интимна релација син-мајка, составен во текот на една година преку превземање на статуси и цитати од социјалните мрежи.

Ова е трет соло-проект на Миладиноски по успешните „Еден правец внатре“ (2005) и „Бубалки“ (2010). Покрај Миладиноски како автор на сценариото, кореографијата и концептот во авторската екипа на претставата учествуваат актерот Игор Трпчески, музиката е на Томе Темелкоски, дизајнот на сцената и 3Д мапата на Игор Ѓоргијоски, а костимите на Даниела Настоска.

Покрај перформансот, посетителите имаа можност да ја погледнат и изложбата на слики и неколку скулптури од Кире Миладиноски, што како инспирација ја има токму мајката и сето тоа што се создавало во текот на креативниот процес на ова кореографско дело. Оваа продукција е потпомогната од Министерството за култура на Република Македонија и локалната самоуправа на Општина Прилеп, а копродуцент е „Марко Цепенков“ од Прилеп, што, воедно, е матична сцена каде што работи танцовото студио.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top