| четврток, 6 декември 2018 |

Книжевни разговори со Санде Стојчевски во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“

Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ е организатор на настанот „Книжевни разговори со Санде Стојчевски“. Повод за разговорите е најновата книга на Стојчевски, „Занесот и разбирањето“.Разговорите ќе ги води Братислав Ташковски, а делови од творештвото на Стојчевски ќе интерпретира актерот Томе Витанов.

На средбата ќе се разговара и за вредносните системи, актуелниот миг во македонската книжевност, статусот на поетот и поезијата денес и за афирмацијата на македонската книжевност дома и во светот.

Санде Стојчевски е поет, литературен критичар, антологичар, полемичар и есеист. Автор е на 17 книги поезија и 12 книги со поетички текстови, критики и полемики. Објавени се неколку избори од неговата поезија и есеистика во Македонија, избрани дела во 6 тома, како и 10 поетски избори на странски јазици. Составил повеќе антологии на македонската поезија и критика. Добитник е на сите позначајни награди за поезија и за литературна критика во Република Македонија. Книгата-полемика, Занесот и разбирањето е најново негово дело. Станува збор за поетичко-полемично дело во кое авторот ја објаснува природата на уметничкото дело, неговото место и значењето во современата македонска книжевност.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top