| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел ја критикуваше Русија во германскиот Бундестаг

меркел

Германскиот канцелар Ангела Меркел денеска во Бундестагот остро ја искритикува Русија и Москва ја обвини за непочитување на територијалниот интегритет на Украина.

Според неа, „руската анексија на Крим не може да се оправда ниту со едно средство“.

– Целта е суверена Украина која самата ќе одлучува за својата иднина – нагласи Меркел.

Таа, исто така, изјави дека и директното и индиректното учество на Русија во борбите во Доњецк, на истокот на Украина, со ништо не може да се оправдаат и ја обвини Русија дека со својата политика „го крши меѓународното право и во прашање го доведува европскиот мировен поредок“.

Во општата дебата за германскиот буџет Меркел ги отфрли критиките дека Европа не доволно сериозно ги зела во предвид руските стравувања за преговорите за Спогодбата за асоцијација на Украина и Европската Унија и рече дека таа за тоа разговарала со рускиот претседател Владимир Путин и секогаш појаснувала дека станува збор за тоа дека Украина и го врти грбот на Русија и потоа едноставно се свртува кон ЕУ.

Таа индиректно се обиде да му противречи на впечатокот, создаден во германската јавност, за тоа дека во рамки на германската Влада  постојат разлики за германската политика кон Русија и дека има разлики меѓу неа и шефот на дипломатијата Франк-Валтер Штајнмаер.

Меркел, напротив, го пофали Штајнмаер за неговите дипломатски напори.

Германскиот политички магазин „Шпигел“ меѓу првите го постави прашањето дали Меркел во украинската криза ја игра улогата на „лошиот“, а нејзиниот шеф на дипломатијата Штајнмаер „добриот полицаец“ или во овој тим на смирени, разумни и прагматични, како што се кажува и за едниот и за другиот, во дипломатскиот фронт против Путин се појавија првите пукнатини.

Официјален Берлин официјално ја отфрли можноста за разлики, нагласувајќи го заедништвото Меркел-Штајнмаер, а тоа Меркел и денеска го покажа во Бундестагот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top