Претседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, вечерва се појави пред жителите на Крива Паланка само во друштво на еден коалиционен партнер – Стојанчо Ангелов од Достоинство. Црвенковски повторно ја искористи можноста да каже дека по локалните избори ќе има и предвремени избори.
– Благодарение на вашата упорност, на вашата верба и доверба, на вашата решителност, во Македонија ќе има предвремени парламентарни избори. Нека го искривуваат договореното Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ колку сакаат, нека се инаетат, лажно нека го читаат документот, а уште полажно и нека го преведуваат – порача Црвенковски.
Претседателот на СДСМ нагласи дека локалните избори се можност да се покаже дека има и „една друга многу подобра Македонија, храбра, слободарска“.
– Тоа е вистинската Македонија. За таква Македонија вреди да се работи, вреди да се бориме. Да покажеме дека таа Македонија е побројна и посилна. Победата е пред нас, победата ќе дојде, наша победа за наша Макеоднија – рече тој пред граѓаните на Крива Паланка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


