| четврток, 6 декември 2018 |

Потребни се мерки за да се спречи гинењето на емигрантите на пругите

Од Македонското здружение на млади правници реагираат во врска со загрижувачката појава во изминатиот период  на загинати и повредени мигранти во железнички несреќи во земјата.

Во последниве две недели дури 7 лица од Сирија и Авганистан го загубија животот на овој начин меѓу кои најмладата жртва имаше само 45 дена. На 14 ноември загинаа двајца браќа од Сирија, на 22 и 23 години, во близина на Велес. Претходно, на 10-ти овој месец, исто така на железничката пруга во Велес загина уште еден мигрант чии идентитет се уште не е утврден. На 5-ти ноември, на железничката пруга Скопје-Гевгелија загина Авганистанец на возраст меѓу 20 и 25 години, заедно со својот син. На пругата кај Неготино, пак, на 2-ри овој месец животот го загуби 56 годишен Сириец, а ден пред тоа, 20 годишен Авганистанец.

Според македонското здружение на млади правници (МЗМП), овие несреќи кои се случија во Република Македонија се поврзани со зголеменото движење на ирегуларни мигранти низ земјата и регионот што се должи на неодамнешните случувања во Азија, Блискиот исток и Африка. Поради нашата географска поставеноста на т.н “Балканска миграциска рута”, Република Македонија стана транзит земја за број на ирегуларни мигранти кои преку Турција, Грција, Македонија и Србија патуваат кон некоја од земјите членки на ЕУ. Најчестиот modus operandiна мигрантите е преминување на државната граница пеш на тн. зелен појас и случајни или однапред договорени средби со “олеснувачи” кои им помагаат на ирегуларните мигранти да стигнат до некоја друга земја најчесто до Србија. Според ФРОНТЕКС (Европската Агенција за менаџмент на надворешните граници на ЕУ) повеќе од 20000  преминувања на државните граници од страна ирегуларни мигранти се детектирани на тн. Балканска миграциска рута во 2013 година.

– Сакаме да потенцираме дека многу често во овие мешани миграциски движења, се наоѓаат и лица кои што имаат потреба од меѓународна заштита, имајќи ги во предвид земјите од каде лицата најчесто потекнуваат (Сирија, Авганистан, Сомалија, и др.). Согласно Конвенцијата за статусот на бегалците од 1951 и Протоколот од 1967, Уставот на Р.М и Законот за азил и привремена заштита, лицата кои што имаат потреба од меѓународна заштита односно имаат оправдан страв од прогон, имаат право да поднесат барање за признавање на право на азил и да отпочнат постапка во Република Македонија. Должината на постапката согласно Законот за азил и привремена заштита, изнесува 6 месеци, период во кој Одделението за азил при МВР е потребно да донесе одлука по поднесеното барање – велат од МЗМП.

Македонското здружение на млади правници со поддршка на Канцеларијата на Високиот Комесаријат за бегалци на ОН во Скопјеобезбедува правна помош и ги застапува овие лица во сите фази на постапката за азил, пред управните органи и како и пред судовите надлежни да одлучуваат по нивните барања. Правната помош е достапна за нив преку канцеларијата на МЗМП која се наоѓа во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово.

Освен правната помош, МЗМП како дел од мрежата на ЕКРЕ (European Council of Refugees and Exiles) е вклучена во голем број на активности кои се однесуваат на подигнување на свеста на јавноста за ситуацијата во која се наоѓаат овие лица, посебно оние кои пребегнале од конфликтот во Сирија. Една од последните активности на здружението е активното вклучување во кампањата Европа дејствувај сегаво која што меѓудругото имаше за цел да се спроведат активности со кои ќе се влијае европските земји да покажат поголема одговорност кон луѓето кои што имаат потреба од меѓународна заштита со акцент на сириските бегалци кои што во моментов се повеќе од 3. 000. 000.

– Со цел спречување на вакви немили настани, апелираме до надлежните да изнајдат соодветни механизми со кои во иднина ќе се избегнат ситуациии во кои некои од лицата кои имаат потреба од меѓународна заштита би го загубиле својот живот во Република Македонија, како и поголема посветеност во остварувањето на правата на бегалците и другите лица кои имаат потреба од меѓународна заштита – апелираат од Македонското здружение на млади правници.

Воедно, МЗМП изразува голема поддршка до државата за сите напори кои ги вложува за подобрување на животните услови на барателите на азил прифатени во Јавната установа за сместување на лица баратели на азил во Визбегово, и стои на располагање за спроведување на активности во насока на уште поголема посветеност кон остварувањето на правата на бегалците и лицата баратели на азил во соодветните постапки, предвидени со усвоените меѓународни стандарди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top