| четврток, 6 декември 2018 |

Две години затвор за Бучковски по правосилноста на решението

Владо Бучковски во рок од 8 дена по правосилноста на решението ќе треба да се јави во затворот „Скопје“ за издржување на двегодишната затворска казна за случајот познат како „Тенковски делови“, објави „Канал 5“.

Ваква одлука донел Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 како одговор на жалбата на Бучковски против решението на судијата за извршување санкции, потврдуваат од Кривичниот суд.

Со ова Бучковски ќе стане прв македонски премиер што ќе оди во затвор.

Бучковски откако добил упатен акт за издржување на казната побарал одлагање за да ги заврши веќе почнатите обврски на Правниот факултет, но судијата за извршување санкции ја одбил одлуката како неоснована, по што тој поднел жалба и до Кривичниот совет и навел дека со неизвршување на преземените обврски на Правниот факултет – Скопје би предизвикале штета на студентите и факултетото што е доволна причина во согласност со законот да се одложи извршувањето на санкцијата, информираат од судот, пишува „Канал 5“.

И Кривичниот совет ја одбил жалбата и го потврдил решението на судијата бидејќи, како што објаснија од судот, осудениот по приемот на второстепената пресуда, имал обврска  да го извести Деканатот на Факултетот дека ќе биде спречен да ги извршува преземените обврски како редовен професор во престојниот семестар поради одлука на Апелациониот суд – Скопје со која е осуден на казна затвор во траење од две години.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top