Укинувањето на трговските бариери со кои се соочуваат земјите на ЦЕФТА во меѓусебната размена на стоки, беше централна тема на денешната седница на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА страните во Скопје, со која претседаваше министерот за економија Беким Незири.
– Македонија има бариери за извоз на лекови во Албанија и за извоз на вино во Србија. На седницата донесовме заклучок Република Албанија во наредниот период да ја согледа можноста да направи измена на Законот за здравство во делот со кој се регулира увозот на лекови, кој предвидува лековите што се увезуваат да бидат регистрирани во земјата во која се произведуваат и во една земја-членка на ЕУ. Побарав од Албанија да се тргне бариерата и лековите од Македонија да може слободно да се увезуваат – изјави Незири по завршувањето на седницата на Мешовитиот комитет.
Тој посочи дека со Србија е договорено на највисоко можно ниво да се расправа за проблемот со увозот на македонското вино.
– Заклучивме за оваа проблематика да се разговара на заедничката седница на владите на Република Македонија и Република Србија што треба да се одржи во периодот од 22-ри до 24 декември годинава. Очекувам до крајот на годинава или во првата половина од 2015 година да бидат елиминирани двете бариери за извоз на македонски производи во Албанија и Србија, благодарение на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА – рече Незири.
На седницата, нагласи, договорено е и да се формираат работна група за електронска размена на информации, комитет за олеснување на трговија, и поткомитет за трговија со услуги, како и да се измени одлуката за основање на Комитет за избор на мандат на персонал на ЦЕФТА Секретаријатот, да се основа отворен фонд на ЦЕФТА Комитетот и да се воведе национална програма за експерти.
Со одржувањето на седницата на Мешовитиот комитет на ЦЕФТА заврши Неделата на ЦЕФТА 2014 што се одржуваше во Скопје, бидејќи Македонија годинава претседава со ЦЕФТА. Од наредната година претседавач на ЦЕФТА ќе биде Молдавија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.