ВМРО-ДПМНЕ остро ја осуди изјавата на поглаварот на Исламската Верска Заедница во Македонија, Реисот Сулејман Реџепи во која тој директно ги навреди чувствата и правото на сопствен идентитет на Македонците со исламска вероисповест и воедно ја навреди партијата. Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ се вели:
Недозволиво и крајно неодговорно е поглаварот на ИВЗ во Македонија, Реисот Сулејман Реџепи да дава непромислени изјави и да повикува на верска и национална омраза. Тоа не му доликува на ниту еден верник, а најмалку на Реисот. Припадноста на еден човек кон одреден народ е детерминирана од неговиот јазик, култура, традиција и чувство за припадност и никој, ниту партија, ниту верска организација, а најмалку поединец не може тоа на вештачки начин да го менува и оспорува. Македонците со исламска вероисповест се неотуѓив и неразделлив дел од македонскиот народ. Тие кај себе го зачувале и најубавиот македонски говор и најубавите македонски песни, дел од македонските национални традиции. Навредата спрема Македонците Муслимани е навреда за целиот македонски народ, без разлика дали некој по религија е Муслиман или пак е Православен, Католик, Протестант, Евреин, припадник на друга религиозна група или атеист. Изјавата на Реисот е пример како не треба да се постапува во општество во кое традициите, вредностите и културните различности се богатство. Жалиме што Реисот покажа дека нему верата му е незначајна, а значајни му се политичките и партиски агенди. Реисот треба да разбере дека како што постојат Албанци Муслимани, Православни и Католици, така постојат и Македонци Муслимани, Православни, Католици, Протестанти, Евреи и припадници на други религии, и тие се неодделив дел од македонскиот народ, дел од неговата вековна култура, јазик и традиција. Тоа е реалност и факт кој со векови опстојувал и никој не го оспорувал. Со оваа навреда, Реисот Реџепи, директно задира во македонскиот идентитет. Како поглавар на ИВЗ, Реисот Реџепи треба подеднакво да се грижи за националните чувствата на сите муслимани во Македонија, на Албанците, Македонците, Турците , Ромите, Бошњаците и други и во никој случај да не дозволи тие преку верата да бидат национално асимилирани. ИВЗ не им припаѓа ексклузивно на Албанците и не смее да биде инструмент за политизација, бидејќи ако се користи за политички или етнички цели, тогаш ја губи вистинската улога која ја има.
ВМРО ДПМНЕ го повикува Реисот Реџепи да се извини за својата изјава и да покаже дека тој е верски поглавар на сите муслимани во Македонија, без разлика на нивната јазична или етничка припадност.
– Тој треба да е горд на етничките различности кои постојат во ИВЗ, бидејќи верата во Бога е едно, а националното чувство на секој поединец е сосема друго, се вели во реакцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)