Македонија доби 305 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), од кои 145 милиони евра ќе бидат наменети за изградба на пругата од Бељаковце до Крива Паланка, а 160 милиони евра за Програмата за национални патишта. Со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, разговаравме веднаш по добивањето на информацијата за одобрување на овие средства.
Разговорот го почнуваме со информацијата за новите средства кои треба да придонесат за подобрување на патната инфраструктура. 145 милиони евра за пругата од Бељаковце до Крива Паланка. Што значи тоа за Македонија?
Јанакиески: Управниот одбор на ЕБРД ги одобри средствата за изградба на втората делница од пругата кон Бугарија – од Бељаковце до Крива Паланка. Се работи за проектирана сума. Паралелно се одобрени средства и за патишта. Очекуваме веднаш по потпишувањето на договорот да следува и јавна објава за наоѓање градежна компанија која во 2015 година би почнала со изведување на работите. Годинава почнавме со изградба на првата делница од Куманово до Бељаковце и веќе е во фаза повикот за договор со консултантска компанија која ќе го направи проектот за третата фаза, од Крива Паланка до границата со Бугарија. Набрзо и законот треба да се најде во Собранието, за Собранието да го одобри тој заем.
Еден од поглавните проекти на Министерството е подобрување на патната инфраструктура. Скопје и Охрид ќе се поврзат со автопат, односно по почетокот на градбата од Охрид кон Стража, сега се најави и градба од Гостивар до Стража. Колкава е инвестицијата?
Јанакиески: Целокупната вредност на патот од Охрид кон Кичево е 373 милиони евра, а очекуваме да биде готов во првата половина на 2018 година. За останатиот дел од патот сме во фаза на подготовка на документацијата и очекуваме на почетокот на наредната година да се распише јавен повик за наоѓање концесионер. Нашата цел е овој пат да биде изграден во 2018 година. Драстично ќе се намали патувањето, речиси за половина час, но и безбедноста на патниците ќе биде многу поголема.
Се градат и други автопатишта и регионални патишта. До каде е делницата до Гевгелија?
Јанакиески: Автопатот од Демир Капија до Смоквица, последната делница која остана од Коридорот 10, почна со градба кон крајот на 2012 година и, во согласност со договорот, треба да заврши до крајот на 2016 година. Повеќе од 50 проценти од градежните работи се завршени. Во фаза е изградбата на мостови. Очекуваме во 2016 година Коридорот, кој поминува од Србија низ Македонија до Грција, да биде изграден на ниво на автопат во Македонија. Тоа е најфреквентниот пат.
Еден од поголемите проекти е патот Скопје – Штип.
Јанакиески: Патот Скопје – Штип почна со градба годинава и, во согласност со договорот, треба да биде завршен до крајот на 2017 година. Немаме проблеми, динамиката е побрза од предвиденото. Овој автопат е во должина од 47 километри, инвестицијата е 206 милиони евра, така што патот ќе биде скратен за десетина километри, а брзината на движење ќе биде многу поголема, со оглед дека досега се возеше по регионален пат низ населени места, а сега имаме автопат. За половина час ќе се стигнува од Скопје до Штип.
Кога се патиштата тема, беше најавен проект за автопат Велес – Прилеп. Може ли тој да се реализира?
Јанакиески: Тоа е проект што е почнат од поранешната влада, но не била обезбедена целосна финансиска конструкција. Ние не почнуваме проект без финансиска конструкција. Еден од проектите што ги одобри ЕБРД се однесува на овој дел. Одобрени се средства за делницата Прилеп – Градско, потоа за патот од Охрид до Пештани на ниво на експресен пат, нешто што е многу важно за туристичкиот развој на Охрид. Потоа патот Штип – Кочани, исто така, на ниво на експресен пат и автопатот од Струга до Требеништа. Овие четири проекти треба да почнат најдоцна до крајот на 2015 година. За патот Прилеп – Градско се планирани три различни секции – една е финансирана од ЕБРД, една секција од фондовите на ИПА и третата секција, тоа е еден мал дел, ќе биде финансирана од Буџетот за јавни патишта. Се работи за експресен пат, двапати по две ленти. Очекуваме некаде во 2018 или 2019 година од Градско до Прилеп да се патува по експресен пат. Според нашите анализи, не е исплатливо да се прави автопат на овој дел.
Новите патишта повлекуваат и модернизација на патарините. Се најавува дека турска компанија ќе ги прави патарините за електронска наплата.
Јанакиески: Деновиве ќе склучиме договор со турската компанија „Аселсан“, која веќе е избрана, останува да се достави техничка документација и финансиска гаранција. Максималниот период за спроведување на проектот е 18 месеци. Се воведува нов систем кој ќе биде независен од човечки фактор, ќе има специјални ознаки, ќе се наплатува без да се застанува. Ќе има припејд-картичка, систем кој ќе стои на самиот автомобил, а специјален читач ќе чита и ќе симнува средства. Предвидено е да има и картички што ќе се ставаат на автомати. Ќе се прошируваат и постојните патарини, капацитетот на некои од нив ќе биде двојно зголемен. За една и пол година ќе имаме нов модерен систем и ќе немаме метеж на сообраќајниците. Паралелно, работиме и на проект за изградба и за модернизација на постојните бензински пумпи во земјава за да овозможиме голем број од странските патници да застанат и да потрошат пари во Македонија.
Возот е меѓу поглавните превозни средства во Европа и во светот. Беше најавена набавка на нови вагони.
Јанакиески: Пристигнаа 13 товарни вагони и до почетокот на наредната година сукцесивно ќе пристигнуваат и останатите. Се работи за 150 товарни вагони. Позначајно е тоа што на средината на наредната година ќе пристигнат и патнички вагони. Сукцесивно до почетокот на 2016 година треба да заврши испораката на вагоните. 150 товарни вагони се значајни за индустријата, се зголемува капацитетот на железницата, но и се модернизира транспортот. Кај патничките имаме шест модерни гарнитури, две се електрични, а четири се дизел. Очекуваме од јули наредната година македонските граѓани да се возат во нови возови.
А што е со железничките станици кои, главно, се постари градби?
Јанакиески: Покрај тоа што во моментот се реконструира Железничката станица во Скопје, чија реконструкција треба да заврши до наредната година, во фаза на евалуација е и постапката за реконструкција на десет големи железнички станици на Коридорот 10 – Прилеп, Велес, Градско, Гевгелија.
Пристигна милионитиот патник на аеродромот „Александар Велики“. Се постигнува ли предвиденото за развој на авиосообраќајот?
Јанакиески: Кога го склучивме договорот за концесија на аеродромот, односно кога почна ТАВ да оперира со македонските аеродроми, имавме околу 610.000 патници. Годинава, доколку дозволат временските услови, можеме да оствариме бројка од 1.200. 000 патници. Тоа значи дека ја исполнивме целта, го зголемивме бројот на патници, македонските аеродроми станаа пофреквентни. Добивме и нов изглед на аеродромот во Скопје и целосно модернизиран аеродром во Охрид, а во иднина ќе се изгради и аеродром во Штип. Овозможивме, во соработка со „Визер“ и останатите компании, да се отворат нови 14 линии за само две години. Скопскиот аеродром е лидер по растот на патници во регионов. Овие бројки покажуваат дека со концесијата на аеродромите имаме една успешна приказна. Аеродромот „Александар Велики“ е прогласен за најдобар аеродром до два милиона патника во Европа. Во 2015 година наш предизвик ќе биде нов повик за привлекување нискобуџетна авиокомпанија за четири нови дестинации и заживување на аеродромот во Охрид. Ќе направиме максимални напори за воспоставување национална авиокомпанија во Македонија.
Целиот разговор во видеото на Република ТВ.
Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со министерот Миле Јанакиески е објавено во 115. број на неделникот Република, 14.11.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.