Денови на хрватската книжевност во Македонија денеска и утре ќе се одржат во Националната и универзитетска библиотека „Св. Kлимент Охридски“ во Скопје. Во рамките на манифестацијата е планирана книжевна средба со познати хрватски автори, изложба на книги, потпишување договор за соработка и трибина.
На денешната средба во холот на НУБ во 11 часот ќе се обратат директорите на двете национални библиотеки, Иван K. Заров и Дуња Сајтер-Шверко. Беседа за хрватската книжевност ќе има Венко Андоновски, а со свое творештво ќе се претстават авторите Бранко Чегец, Хелена Саблиќ-Томиќ и Владимир Стојсавлевиќ.
На изложбата, пак, ќе бидат опфатени стотина дела од хрватски писатели преведени на македонски јазик и објавени во Македонија по 1990 година. На отворањето на изложбата ќе се обратат хрватскиот амбасадор во земјава, Златко Kрамариќ, и нашата министерка за култура Елизабета Kанческа-Милевска. Потоа директорите на националните библиотеки ќе потпишат договор за соработка.
Трибината на тема „Современи македонско-хрватски книжевни релации и модели на пласман и афирмација на македонската и хрватската книжевност во други средини“ е закажана за утре во 11 часот. Модератор ќе биде Венко Андоновски, а ќе учествуваат авторите од Хрватска и повеќе писатели, професори, издавачи и преведувачи од земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.