Во посета на Охрид, денес, беа претставници на две големи компании од Република Хрватска кои што се занимаваат со изградба на марини, објави „Охрид 1“. Станува збор за две реномирани компании во чие резиме стои изградбата на неколку марини во Хрватска, во Јадранското море. Тие денес остварија средба со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и капетанот на Капетанијата од Охрид, Горан Устијаноски. Градоначалникот ја потенцира потребата од Градска марина и ја потврди цврстата заложба на Локалната самоуправа за реализација на ваквиот проект.
По презентирањето на начините и можностите за финансирање на Градската марина, од страна на градоначалникот Бакрачески, хрватските гости заедно со градоначалникот и претставници од Капетанија се упатија кон разгледување на просторните можностите што ги нуди Охридското езеро. Обиколката се одвиваше околу оние локации што се зацртани како можни за таа намена, односно Малото пристаниште и потегот од каналот „Студенчишта“ до хотелот „Парк“ кој е предвиден за изградба на градската марина. Гостите од Хрватска заедно со експертите од таа област, во обиколката со брод околу овие локации, го разгледуваа езерското тло. Стручните лица од Капетанија ги информираа за претежна брзина и правецот на ветровите како и за јачината на брановите. Исто така беа информирани и за можноста за инвестирање во реконструкција и изградба на Малото пристаниште, односно беа запознаени со распишаниот оглас за реконструкција и изградба на Малото пристаниште.
Претходно беше изработено идејно решение за реконструкција и изградба на Малото пристаниште, за кое веќе постои интерес кај неколку субјекти за реконструкција и изградба на истото.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


