За субвенции на земјоделците се издвојуваат 130 милиони евра, а до 2005 година денар не се даваше. Активно работиме и на распределба на државно земјиште на земјоделците, рече претседателот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на предизборниот митинг во Валандово. Груевски потенцираше дека активно се работи на отворање на повеќе откупни центри за откуп на земјоделски производи и додаде дека очекува во иднина повеќе странски инвеститори да дојдат и да го направат тоа.
-Во септември ветивме дека ќе ги зголемиме пензиите за 550 денари, а сега го реализиравме и тоа. Освен пензиите од март ја зголемивме и социјалната помош за социјално загрозените граѓани за 5 отсто, рече Груевски.
Ги потсети граѓаните дека во времето на владеењето на СДСМ е затворена на фабриката на „Анска Река“, поради што 800 луѓе останале без работа, додавајќи дека ниту еден проект на кој народот може да се сети не е направен во времето на СДСМ во Валандово.
-Ако во 90-тите години многу граѓани паѓаа на празни ветувања, денес веќе во Македонија граѓаните имаат докторат да ги прочитаат политичарите кој ветува, а исполнува и кој навистина прави дела, а кој прави само филмови, нагласи Груевски.
Пред присутните на митингот тој рече дека и кандидатот за градоначалник на Валандово Николче Чурлиновски, исто така е од луѓето кои не само ветуваат, туку работат и ги исполнуваат ветените проекти.
-Граѓаните веќе знаат да препознаат кој само ветува и не исполнува од оние кој ветуваат и исполнуваат. За разлика од деведесетите тие научија да ги разликуваат оние кои само ветуваат, а ништо не остваруваат од оние кои ветуваат и работат, нагласи Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


