Влегувањето на странските инвестиции во Македонија, кои се значаен генератор на економскиот раст и вработеноста, се покажа како исправна политика. Во компаниите се креирани 11.000 работни места, а извозот во првите 10 месеци достигна 950 милиони евра и овој месец очекуваме да ја надмине цифрата од една милијарда евра извоз од овие компании.
Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на денешната прес-конференција оценувајќи дека ова е фантастичен резултат и можност да извезува македонската економија и тогаш кога во Европа и останатите земји во светот екстерната побарувачка не е на високо ниво.
– Тоа значи дека долгорочно гледано се подобри структурата на македонската економија и можноста да извезува производи со повисока технолошка вредност и да извезува и тогаш кога надворешните услови не се најдобри, рече министерот Ставрески.
Тој очекува со реализацијата на останатите инвестиции што се најавени во зоните, како американските на минатонеделната презентација во САД и други, да дојде до натамошно зголемување на производството и креирање нови работни места со цел намалување на невработеноста која, како што рече, е на историски најниско ниво од 28,2 проценти. Но, сепак, смета дека се уште е на високо и треба да се прават напори и понатаму да се отвораат нови фабрики и нови работни места.
Според Ставрески, има потенцијал и за зголемување на интегрираноста на домашните фирми во ланецот на добавувачите на странски фирми. Најави дека ќе се анализираат мерки и активности кои треба да се преземат за да може домашните компании да се вклучат во ланецот на добавувачи на странски фирми.
Меѓу мерките е зајакнување на претприемничката култура, капацитетот на кадрите на менаџерските тимови, подобрување на стандардизацијата на производите и слично.
Ова, според министерот Ставрески, ќе помогне на домашните фирми на долг рок да можат да извезуваат и сами.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.