По пауза од речиси две години, на репертоарот на Драмски театар во Скопје се враќа култната претстава „Хамлет“ во која главната улога ја толкува Дејан Лилиќ, за што неколку пати е наградуван за најдобар актер. Режијата на оваа претстава е на Дејан Пројковски. Претставата отпатува во многу театри низ светот и секаде беше дочекувана со громогласен аплауз и позитивни критики.
На сцената на овој театар се враќа уште една претстава, „Генетика на кучињата“, која беше одиграна само 15 пати. Претставата, поради повреда на еден од актерите беше тргната од репертоар, и покрај желбата на љубителите на театарот да го погледнат режисерското остварување на Пројкоски, по текст на Венко Андоновски.
И покрај многуте обврски, директорување во МНТ, претстави во матичниот театар, снимање филмови, како и новата обврска – татко, Лилиќ реши повторно да застане на сцената на Драмски со двете улоги, кои буквално му ја исцрпуваат енергијата.
„Генетика на кучињата“ и „Хамлет“ повторно се враќаат на репертоарот на Драмски театар. Што претставува тоа за вас како режисер?
Дејан Пројковски: За мене „Хамлет“ и „Генетика на кучињата“ се две важни претстави на Драмски театар. „Хамлет“ е една од најгледаните и со најмногу гостувања досега, како во Полска, Италија, Бугарија, Словенија, Србија, Црна Гора, Англија. Оваа претстава, заедно со „Генетика на кучињата“, е доказ дека македонската публика сака да гледа театарски претстави. Ова е времето на големите претстави.
Кој го заменува Бранко Ѓорчев во претставата „Хамлет“?
Дејан Пројковски: Уште на самиот почеток кога се влоши здравствената состојба на Бранко Ѓорчев, тој како негова достојна замена го назначи актерот Петар Горко, кој одлично се снајде во улогата.
Ќе учествувате ли повторно со „Хамлет“ на некој меѓународен фестивал?
Дејан Пројковски: Во септември веќе учествувавме во Подгорица, Црна Гора со претставата „Хамлет“, каде што Дејан Лилиќ доби награда за најдобар актер, а јас за најдобар режисер.
Која беше причината двете претстави да се најдат повторно на репертоарот на Драмскиот театар?
Роберт Велјановски: Овие претстави повторно се најдоа на репертоарот поради две причини. „Генетика на кучињата“ беше неприродно изоставена од Драмски. Беа одиграни само 15 претстави, а причината за тоа беше повредата на еден од актерите, без кого оваа претстава немаше да биде тоа што е и поради тоа решивме да ја тргнеме. Сега кога работите се вратија во нормала, таа повторно е ставена на репертоарот. Ова е репрезентативна претстава за Драмскиот театар. Додека, пак, „Хамлет“ има своја приказна. „Хамлет“ може да се игра безброј пати. Двете претстави се легитимно вратени на репертоарот. А, двете награди што ги добивме во Црна Гора не се причина за одликата, тие се нус-појава. Овие две претстави не се максимално експлоатирани. Кај нас има претстави за кои нема публика, што и да направите, каква било реклама, е бескорисно. Кога е таква работата, нормално е да се вратат претставите што ги сака публиката, за кои картите се распродадени со недели претходно.
Драган Спасов Дац: Двете претстави беа прекинати на неприроден начин. „Генетика на кучињата“ беше прекината поради оправдани причини, а беа одиграни само 15 претстави. Така што нормално е да се врати на репертоарот бидејќи е одлична претстава. „Хамлет“, исто така, е претстава која сѐ уште може да се игра бидејќи сѐ уште ги полни салите и нормално е да не се прекинуваат такви претстави.
„Генетика на кучињата“ и „Хамлет“ ги сметаат како едни од најтешките претстави, дали се согласувате со тоа?
Драган Спасов Дац: Тешка претстава не постои, може да биде тешка само доколку не ти се допаѓа. Нормално е дека ако е добра претставата, ја играш со мерак.
(Разговараше: Владо Оцевски
Текст објавен во 113. број на неделникот „Република“, 31.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.