До крајот на годинава ќе се финализира идејното решение за специјализирани продавници за органска храна. Тие ќе бидат предвидени во Програмата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за 2015 година, најави ресорниот заменик министер Ванчо Костадиновски по денешната средба во Министерството со здруженијата на производители на органска храна и сертификациските тела.
– На средбата се согласивме дека идејата за отварање на специјализираните продавници за органска храна е добра во насока за промоција на продажбата на органските производи заради поорганизиран настап. Се надеваме дека до крајот на годинава ќе го финализираме идејното решение. Ќе ги финасираме делумно ние заедно со производителите на органска храна, а средствата ќе бидат исплаќани преку Програмата за финасиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за 2015 година – рече Костадиновски.
На средбата станало збор и за проблемите кои ги имаат здруженијата во делот на искористувањето на средствата кои Владата преку програмите на МЗШВ ги става на располагање на производителите на органска храна, причините за слабата искористеност на средствата и кои мерки треба да се предвидат во програмите за 2015 година.
– Здруженијата побараа да се зголемат субвенциите во делот на производстовото на органска храна за да се подобри приносот, а со тоа и понудата на ваквите производи. Очекуваме кампањата на Владата за здрава храна да ја поттикне продажбата на органските производи. Затоа сакаме со соодветни мерки кои ќе ги разгледаме во Министерството да ја усогласиме понудата и побарувачката на пазарот, односно да овозможиме стимулирање на поголемо производство на органска храна, зголемување на бројот на оператори кои се занимаваат со нејзино производство и зголемување на приносот по култури – рече Костадиновски.
Во Македонија има 400 оператори кои се занимаваат со производство на органска храна и тоа на површина од околу 3.500 хектари. Сертифицирани се 64.000 овци, 3.000 кози, 2.700 млечни крави, но сепак најголем интерес има за производство на органски мед.
Токму производителите на органски мед, истакна Костадиновски, предлагаат најголем број конкретни мерки во делот на зголемување на субвенциите, поврзани со одгледувањето на пчелни семејства за производство на органски мед, како и за начинот и периодот на нивна исплата.
– Министерството и сега за органското производство исплаќа субвенции за 30 отсто повисоки од конвенциноалните, но ние сепак ќе ги разгледаме нивните предлози и ќе донесеме соодветна одлука која ќе биде имплементирана во програмите за 2015 година – нагласи Костадиновски.
Сузана Димитриевска од здружението Овчеполски еко производи рече дека повеќе од 10 години во нивната сопствена компанија Липа произведуваат органски производи и за сето време континуирано добивале субвенции од МЗШВ.
– Производители сме на житни култури, лозов и овошен насад, а оваа година прв пат почнавме со производство на неколку вида на зеленчуци – рече Димитриевска, нагласувајќи дека органското производство придонесува за заштита на животната околина и е начин на живот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.