
Светското првенство во Катар треба да се одржи во 2022 година, дотогаш има цели седум години, но сомнежите за исправноста на одлуката на ФИФА не стивнуваат. Катар, според извештајот на Светска банка, е најбогата земја на планетата ако се земе предвид критериумот кој го мери приходот по глава на жител. Изгледа идеално, но во практика, барем кога е во прашање фудбалот и начинот на кој Катар ја доби организацијата на дваесет и вториот мундијал, работите стојат сосема поинаку.
Ако се остварат најавите, првото фудбалско Светско првенство во арапскиот свет, поради жештините, ќе се одржи во зима, што е преседан. Проблемите се таложат, па со оглед на тоа дека Катар е земја во која не се точи алкохол, сигурно ќе се намали бројот на навивачи што ќе сакаат да допатуваат за да го следат мундијалот во живо. Има и сериозни обвинувања за модерно ропство при изградбата на инфраструктурата, а презентирано е дека финалето ќе се игра во град што сѐ уште не е изграден.
Време за остварување на слатките ветувања на Катарците има доста, но сѐ повеќе луѓе се сомневаат дека спиралата на измами, која почна со начинот на кој беше доделена организацијата на СП, зема сѐ поголем замав. Еве ги петте најпроблематични точки во проектот „Катар 2022.

1
Прво СП во арапскиот свет, но и прв шампионат што kе се игра во зима
Традиционално, сите 20 досегашни шампионати се играа во летниот период, но во 2022 година во Катар тоа ќе биде мошне проблематично. Температурата се крева и до педесеттиот Целзиусов степен, влажноста на воздухот е дополнителен проблем, што создава речиси невозможни услови за фудбал. ФИФА полека се пишмани и бара чаре како да се одржи турнирот во Катар, но не во лето, туку во зима. Конечната одлука сѐ уште не е донесена, но се чини алтернатива нема ако Сеп Блатер и неговите соработници останат на одлуката Катар да биде домаќин на шампионатот во 2022 година. Никому не му е сеедно, а посебен проблем ќе бидат и ТВ-правата. На пример „Фокс ТВ“ има платено солена сума од 425 милиони долари за следните две светски првенства, а, според стандардите, се подразбира турнирот да се игра налето. Во САД во јануари вообичаено се игра плејофот во НФЛ, лига што е најгледана на американскиот континент. „Фокс ТВ“ ги има правата и за НФЛ и не сака двата спектакла да се совпаднат, па ако ФИФА одлучи да има зимски мундијал во фудбал, телевизијата сигурно ќе бара и ќе добие енормно голема отштета.

2
Проектот почива на мито и на корупциjа, со примеси на модерно ропство
Во фудбалските кулоари сѐ уште се говори дека Катарците поткупиле неколку членови на ФИФА за да ја добијат организацијата на мундијалот. И тоа за огромни пари, па дури на тапет беше ставен и претседателот на УЕФА, Мишел Платини. Наводно, тој добил пет милиони евра за да помогне Катар да ги победи САД во трката за домаќин на СП 2022. Англичаните обвинија дека им било побарано мито од 2,5 милиона долари од влијателен човек во ФИФА од Тринидад и Тобаго. Вмешани се уште неколку претседатели на фудбалски федерации што гласале за Катар.
Проблем за богатите Арапи станува и инфраструктурата што е потребна за организација на СП. Неколку хуманитарни организации за заштита на човековите права ги обвинија властите во оваа земја дека применуваат методи на модерно ропство при изградбата на објектите за фудбалскиот шампионат. Објавено е дека на работниците, претежно странци, и тоа од Непал, не им се дава вода и храна, а работат во ненормални услови. Досега, според извештаите што ги објави „Гардијан“, 44 работници од Непал починале работејќи на проектот „Катар 2022“. Уште непочнат, мундијалот го плаќа данокот во крв, а сосема незаслужено врз фудбалската игра паѓа црна дамка.
3
Лусаил Сити – град што не постои, ама ќе биде домаќин на финалето
Лусаил Сити е град што сѐ уште не е изграден, но Катарците го претставија како домаќин на финалниот меч. Пари за изградба има, тоа воопшто не е спорно, но целата ситуација изгледа чудно, дури и смешно. Место без жители, нацртано или дизајнирано на компјутер без фудбалско минато ќе биде организатор на финален меч на Светско првенство. Споредете го со легендарните стадиони Вембли, Маракана, Камп Ноу, Сан Сиро, Ацтека…. каде што се играле финалиња на мундијалите. Лусаил Сити на шега го нарекуваат град на духови, нешто што не постои, ама ќе добие шанса да биде домаќин на еден од најважните настани во спортот – финале на СП. Како капак на интригантното сценарио е тоа што нема ниту стадиони. Барем досега, на седум години до почетокот на првото СП во арапскиот свет, не е изграден ниту еден објект на кој ќе се играат натпреварите во Катар.

4
Пу-пу, не важи – нема услови за футуристички спектакл
Катарците направија спектакуларен план за футуристички мундијал. Потпомогнати со силно лоби, ја добија организацијата и сега полека ретерираат. Најавија специјални системи за ладење на стадионите за да фрлат мамка кон ФИФА дека се кадарни да организираат летен мундијал на температура и до 50 степени. Веднаш по добиената доверба, од фирмата што беше најавена како главна алка во изградбата на спектакуларните спортски зданија стигна објаснување дека такво нешто не е можно. Односно дека ладењето ќе биде прескапо и ултраштетно за околината. Лажна финта, преценување на можностите или… ФИФА сѐ уште не се дава и цврсто стои на ставот дека Катар останува домаќин на мундијалот во 2022 година. Со мала, но очигледна разлика, нема да се игра во летен период, туку во зима.
5
Без забава за навивачите, ќе нема пиво, ем ракиjа
Точењето алкохол е забрането на стадионите низ светот, но во Катар проблемот е малку посложен. Таму има забрана за консумирање алкохол на јавни места на целата територија, што значи дека во фан-зоните ќе се точат само безалкохолни пијалоци. Секому му е јасно дека ќе дојде до драстично намалување на интересот на навивачите за присуство на мундијалот во Катар. Замислете ги познатите пивопијци, Англичаните и Германците, како ги прославуваат победите без нивниот омилен пијалак. Поточно, ако не се смени нешто, ќе можат да консумираат пиво и алкохол, но само во своите хотели.
(Пишува: Зоран Поповски
Текст објавен во 113. број на неделникот „Република“, 31.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


