
Вината од македонските винарски визби деновиве се промовираат на Интернационалниот саем за вино и за жестоки пријалаци што се одржува во Хонгконг.
Девет винарски визби организирани преку здружението „Вина од Македонија“ ги презентираат своите прoизводи пред увозници, дистибутери, претставници на „Хо-Ре-Ка“ сегментот, вински критичари, новинари и сомелиери.
Саемската манифестација е најголема во овој дел на Кина и на неа своите вина ги презентираат 1.000 изложувачи од 38 земји во светот, а саемот го посетуваат повеќе од 20.000 увозници и дистрибутери на вино.
Учеството на саемот и националниот павилјон се поддржани од страна на Министерство за земјоделство, шумарство и за водостопанство преку програмата за поддршка на извозот на македонски производи, во чиишто рамки е обезбедена финансиска поддршка за простор и штанд од 100 квадратни метри.
Хонгконг и Кина се едни од најбрзорастечките пазари во потрошувачката на вино во последните неколку години и постои голем потенцијал за пласман на македонското вино.
Промотивните активности на винарските визби во Кина продолжуваат и следната недела со учество на Саемот за вино во Шангај, кој ќе се одржи од 12 до 14 ноември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


