
Македонија, Албанија, Kосово и Србија се земјите од кои потекнува или доаѓа најголемиот дел од марихуаната на пазарите во Централна и во Југоисточна Европа, но одгледувањето канабис сатива е широкораспространето низ цела Европа и се зголемува од година во година, предупредува Европскиот надзорен центар за дрога и зависности (ЕМЦДДА). Токму македонски камионџија бил фатен со 700 килограми марихуана пред неколку дена во пристаништето во Драч во Албанија. Дрогата била скриена меѓу конзерви со риба, а требало со траект да ја пренесе во Италија. Друг Македонец бил фатен со повеќе од 900 килограми марихуана пред два месеца во Србија, што е рекордна заплена на српските цариници. Цариниците се одлучиле да извршат детална проверка на камионот врз основа на индикатори на анализа на ризикот, односно правецот на движење на камионот бидејќи во последно време зачестиле обидите за шверц на наркотици од Македонија.
Десетина дена подоцна цариниците на Табановце откриле 126 килограми марихуана, скриена во специјален бункер во покривот на автобус кој патувал за Австрија. На почетокот од годинава, пак, на Меџитлија беа запленети повеќе од 350 килограми марихуана, вредна најмалку еден милион евра, а била скриена во душеци за спиење кои требало да бидат пренесени во Холандија.
Вести за запленета марихуана во земјава или за Македонци што биле фатени во шверц на канабис имаше речиси секојдневно и лани, но, сепак, поголемите беа во септември кога двапати во Унгарија беа уапсени двајца македонски камионџии со околу 700 килограми марихуана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


