Фудбалерите на ЦСКА вчера на гостувањето кај Манчестер сити славеа со резултат 2-1, а со тоа англискиот тим се најде во непријатна ситуација, односно да мора да се бори за пласман во наредната фаза од Лигата на шампиони. Менаџерот на Сити, Мануел Пелегрини, е шокиран од крајниот резултат.
– Не разбирам зошто нашите најдобри играчи одиграа толку лош натпревар. Со ваква игра не можевме да промениме ништо – изјави Пелегрини.
Искусниот тренер, пред сѐ, е незадоволен од начинот на кој неговите фудбалери ги одиграле првите 45 минути.
– Ова не личеше на нас. Имавме само еден шут кон голот на противникот, а тоа беше слободниот удар од кој Јаја Туре постигна гол, а, од друга страна, примивме два лесни погодока – вели Пелегрини.
На две кола пред крајот на групната фаза Сити има само два бода, два помалку од ЦСКА и Рома.
– Мислам дека никогаш не треба да се откажете, сѐ додека постои и најмала шанса – додаде Пелегрини.
Во наредното коло Сити му е домаќин на Баерн Минхен, кој веќе обезбеди пласман во осминафиналето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.