Британскиот полицаец Алан Тирни, кој веќе не е во полицијата „Метрополитен“, призна на судењето во Лондон дека за пари им давал на новинари од весникот „Сан“ службени информации за познати личности во британскиот јавен живот.
Во 2009 година, Тирни на овој најтиражен весник во Велика Британија му ги продал информациите за обвинувањето против мајката на фудбалерот на „Челси“ и тогаш капитен на репрезентацијата, Џон Тери. Против мајката на Тери полицијата имала само сознанија и пријави од продавници дека таа е клептоманка и дека краде по дуќаните, но полицијата во тоа време не била вклучена во истрагата, ниту имало официјално обвинување. Овој бивш полицаец му продал приватни инфомации „Сан“ и за гитаристот на „Ролинг стоунс“, Рони Вуд.
На првото сослушување во судот, вината ја призна и затворскиот службеник Ричард Транкфилд, кој им продавал службени тајни и информации на весниците.
Обајцата беа уапсени и обвинети во рамките на операцијата на Скотланд јард „Елведен“ против корупцијата и злоупотребата на јавната служба. Оваа операција траеше паралелно со истрагата за прислушување на мобилните телефони на познати и популарни јавни личности.
Други седум лица, меѓу кои е и Ребека Брукс, поранешен главен уредник на „Сан“ и извршен директор на мардоквата компанија „Њуз интернешенел“, ќе се појават на судење за купување или продавање информации за весниците. Покрај Брукс, ообвинети се и уште двајца новинари-репортери на „Сан“, како и тројца јавни службеници-двајца полициајци и вработен во Министерството за одбрана.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


