| четврток, 6 декември 2018 |

Алексов: МОСТ забележи предвреме почната кампања

largea_aleksov1353920422
Од почетокот на изборниот процес Граѓанската асоцијација МОСТ има ангажирано регионални координатори во 18 регионални канцеларии, кои ја покриваат целата територија на Македонија. Овие канцеларии ја набљудуваат работата на изборната администрација, периодот пред почетокот на изборната кампања и текот на изборната кампања.

Од добиените и обработени 242 извештаи, МОСТ забележи одредени прекршувања на изборните правила, кои имаат влијание врз спроведувањето на изборниот процес. Предвреме почната кампања е една од забелешките на МОСТ.

-Во периодот од распишувањето на изборите, па сè до потврдувањето на кандидатските листи на 20 февруари, политичките партии одржуваа промоции на своите кандидати за изборите и на нивните програми. Во Изборниот законик изборната кампања е дефинирана како претставување на потврдените кандидати, така што оваа практика не е спротивна на законските одредби. Сепак, иако формално-правно не станува збор за предвремен почеток на изборната кампања, јавноста беше сведок дека овие настани, всушност, претставуваа промовирање на идните кандидати и нивните програми, без разлика на тоа што тие сè уште не беа потврдени од страна на официјалните органи. МОСТ и овој пат апелира прецизно да се регулира периодот од распишувањето на изборите до потврдувањето на кандидатските листи, со цел да биде јасно што смеат да прават политичките субјекти, а што не – изјави Дарко Алексов, извршен директор на Граѓанската асоцијација МОСТ.

Една од забелешките на МОСТ се однесува на измените на Изборниот законик со кои продолжениот рок за доставување на кандидатските листи до 9 март не им овозможува на групи избирачи да го искористат дополнителниот рок за доставување на кандидатски листи, односно тој важи само за политичките партии или коалициите.

Државната изборна комисија, во принцип, ги почитува роковите за спроведување на изборните дејства. Транспарентноста на нејзината работа е зголемена со оглед на тоа што записниците од одржаните седници се објавуваат на интернет-страницата на ДИК, што беше една од препораките на ОБСЕ/ОДИХР, велат од МОСТ.

Проектот „Домашно набљудување на локалните избори 2013 година“ е реализиран од страна на Граѓанска асоцијација МОСТ и досега е поддржан од Швајцарската агенција за меѓународен развој, Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Амбасадата на Кралството Холандија и Амбасадата на Кралството Норвешка од Белград, Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top