По повод последните случувања во македонскиот ракометен првак Металург, ракометарите се обратија со соопштение, кое ви го пренесуваме интегрално.
Почитувани љубители на ракометот, и на спортот воопшто, и наши верни навивачи,
Имаме обврска и потреба да ве запознаеме со најновите настани во нашиот клуб РК Металург. Од вчерашниот ден, сите играчи на клубот РК Металург повеќе не одиме на редовни тренинзи, од причина што сме длабоко разочарани и огорчени од начинот на кој со нас се однесува раководството на клубот заедно со тренерот Червар, и која состојба трае веќе еден период и која за нас претставува голем проблем, а нема никаква врска со финансиската состојба во која се наоѓа клубот.
Малкумина се запознаени со односот на тренерот кон нас, кој постојано го омаловажува нашиот учинок во клубот, како и сето она што досега сме го постигнале, дури и во најтешките ситуации и наш впечаток е дека негов интерес не е ниту Металург, ниту ние како играчи, ниту пак гаење на нови домашни кадри, туку свој личен инетерс, а тоа е што подолго да се остане во клубот по секоја цена, притоа без никаква емоција кон спортот, клубот или пак играчите.
Од август оваа година сите ние почнавме со нови сили, ентузијазам и еуфорија дека оваа сезона, како и минатата, повторно ќе бидеме едни од најдобрите во Европа, неприкосновени во Македонија, и дека повторно ќе носиме радост и задоволство на сите луѓе кои се радуваа на нашите успеси. Меѓутоа, уште на почетокот на сезоната, нашиот тренер почна со некои нови концепти, нејасни за никого, освен веројатно за него, кои самиот решил да ги спроведува по секоја цена, на која краен исход е само сопствена егзистенција во клубот. Го поздравивме неговиот напор да се појача екипата со уште нови играчи, бидејќи минатата сезона беше доста напорна и реално требаа уште играчи за да може да се издржи истото темпо. Но, концептот да се уништат оние со кои досега беа постигнати едни од најдобрите резултати во клубот, не е во ред, особено што повеќето се домашни играчи кои со срце и душа играат за клубот.
Одговорно тврдиме дека повеќето натпревари кои досега ги изигравме, а кои ги изгубувме, лесно можеа да се добијат, но од нејасни причини тренерот заедно со раководството правеа нарационални потези, поради кои ние не бевме во можност да победиме. Како на пр. Оставањето на Станиќ и Атман во Скопје за натпреварот со Брест, а кои по тој натпревар се уште беа членови на клубот, чудни потези и негово нетипично однесување на натпреварот во Загреб ,каде реално можевме да си отидеме како победници. Токму затоа, не чудат ваквите постапки на тренерот, бидејќи сите ние сме во клубот, и во спортот воопшто, со една цел, а тоа е секогаш да одиме на победа и да се искористи максимумот кој го поседуваме, а тоа често пати оваа сезона не беше случај.
Како некој намерно да сака да губиме, само за да се омаловажи квалитетот на одредени играчи. Меѓутоа, тажно е што вложиваме толку труд, а изгубеното тешко може да се надомести.
Наше мислење беше дека сеуште може да се спаси оваа сезона, што беше секако и наша најголема желба, меѓутоа со ваквите потези и размислување стана невозможно.
Од страна на тренерот постојано има желба за раслојување на играчите, со постојани перфидни игри кои неуморно секојдневно ги игра, а наша желба е само да бидеме еден тим кој заеднички ќе функционира со иста цел.
Сакаме уште еднаш да кажеме дека последните изгубени натпревари немаат никаква врска со финансиската ситуација на клубот, бидејќи ние секогаш се бориме за победа, платени или неплатени, туку само со тенденциозно водење на кадарот со цел да се изгуби, со стратегија и план кои немаат никаков резон.
Не сакаме да се откажеме од она што сме го создале тука, ниту пак ќе дозволиме одредени личности за тврдат дека како македонци сме лесни за манипулација. До сега молчевме од причина што сме воспитани и бевме лојални на клубот, меѓутоа последната состојба беше неиздржлива за сите играчи, млади, стари, домашни и странски, па токму поради сите заедно се решивме на ваков радикален чекор.
Што се однесува до спонзорот Јорданов, ние баравме директна средба со него мислејќи дека тоа и сме го заслужиле , бидејќи најчесно си ја извршувавме својата работа. Досега бевме толерантни во однос на финансиите и уште ќе бевме, но условите за работа со раководството и тренерот станаа невозможни за сите.
Со почит,
Играчите на РК Металург
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.