| четврток, 6 декември 2018 |

ЕК: Македонија годинава ќе има втор по поголемина пораст на БДП во Европа

раст

Република Македонија оваа година ќе има втор по поглемина пораст на домашниот бруто-производ (БДП) во цела Европа, се наведува во есенската економска прогноза што денеска ја лиферуваше Европската комисија. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, со пораст на БДП од 3,3 проценти, Македонија е подобра од 28 членки на Европската унија, како и од Унијата во целост, од еврозоната, САД и Јапонија. Само Ирска, која пред неколку години беше под закана од финансиски банкрот, годинава е предвидено да заврши со економски пораст од 4,6 отсто од БДП, што ја прави шампион на стариот континент.

Кипар, Италија и Хрватска се земјите што и годинава ќе останат во рецесија, додека Грција по седум години во рецесија, се очекува да оствари минимален економски пораст од 0,3 отсто на БДП.

На високото второ место според порастот на домашниот бруто-производ, Македонија, според прогнозата на Еврокомисијата, ќе остане и идната година, кога е предвиден пораст од 3,4 проценти (со што повторно би била само зад Ирска, која би имала 3,6 проценти пораст), додека за 2016 година, БДП на нашата земја се очекува да има пораст од 3,6 отсто, кога, според прогнозите на Брисел, само Грција и повторно Ирска би биле пред нас со по 3,7 проценти пораст.

Позитивен тренд Македонија се прогнозира дека ќе има и во однос на стапката на невработеност, која од 31,4 проценти во 2011 година, годинава се очекува да падне на 28,5 отсто. За 2015 година, ЕК предвидува раст на вработеноста за 2,1 проценти, а за 2016 година, просекот на бројот на вработени во Македонија да порасне за 2,3 проценти, кога стапката на невработеност би се намалила на рекордни 26,6 проценти.

Сепак, во поглед на невработеноста, Македонија и со овој позитивен тренд се прогнозира дека ќе остане на дното во Европа, бидејќи Грција и Шпанија, кои во моментов имаат најлош просек од по 26,8 и 24,8 проценти невработени, за две години се очекува да паднат на 22 проценти.

Годинешниот буџетски дефицит на Република Македонија се очекува да биде четири проценти, што ја сместува земјата во средината на европската табела. Истиот, ЕК прогнозира дека ќе се намали на 3,8 отсто во 2015 и на 3,5 проценти во 2016 година. Јавниот долг на државата се очекува годинава да достигне 40,2 проценти и истиот да порасне до 43,5 отсто за две години. Тоа, сепак, ја прави Македонија една од најниско задолжените на европскиот континент, ако се знае дека долгот, чија граница на дозволеното Брисел ја псотавува на 60 отсто од БДП, годинава ќе ја надминат дури 15 земји-членки на ЕУ, предводени од Грција со 175,5 проценти во однос на БДП. Сепак, сите европски змеји се очекува да имаат тенденција на намалување на јавниот долг, со исклучок на Хрватска, која од 81,7 отсто јавен долг годинава, се очекува да достигне 89 проценти во однос на БДП.

Инфлацијата во Македонија, Комисијата прогнозира дека ќе биде 0,7 оваа година и дека таа ќе порасне на 1,2 отсто во 2015 и на 1,7 проценти во 2016 година, додека билансот на тековното плаќање од минус 3,3 отсто годинава, се прогнозира дека ќе достигне -3,5 отсто за две години.

Истакнувајќи дека домашната побарувачка зајакнува во првата половина на оваа година, ЕК посочува дека во овој период, реалниот БДП се зголемил за околу 3,9 проценти, по годишниот раст од 2,7 отсто во 2013 година. Подобрувањето на растот е одлучно префрлен од надворешниот сектор на домашната побарувачка и по разочарувачкиот настап во 2013 година, според Комисијата, инвестициската активност отскокнаа во првиот квартал, поттикната од трошоците во јавната инфраструктура и со етаблирање на нови странски компании.

Сепак, се наведува дека тоа било речиси рамно во вториот квартал, додека градежната активност, по зголемувањето во првиот квартал, дека сега стагнира, далеку од постигнувањето од 32 проценти годишна стапка на раст од 2013 година. Производство на извозни продукти, според ЕК било управувано од индустријата за храна и облека, како и со нови инвестиции во индустријата за моторни возила, што се покажало одржливо, растејќи со стапка од 4,3 проценти на годишно ниво во првите осум месеци од оваа година.

Нето-извозот, пак, се наведува дека придонел негативно на растот, со големина на увоз, во голема мера поврзана со инвестициите, пораснала со стапка од 8,1 отсто, наспроти импресивните 13,3 проценти пораст на извозот.

– Гледајќи напред, домашната побарувачка веројатно ќе се зајакне уште повеќе и ќе стане единствениот фактор за раст на економијата. Потрошувачката на домаќинствата е поддржана од континуираната бенигна инфлаторна животната средина, пониските цени на храната и на увезените стоки. Тоа придонесе за препуштање на околностите на економијата во дефлација во првата половина на 2014 година – наведува Еврокомисијата за нашата земја.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top