Доколку лидерот на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов, одлучи да не ја прифати новата премиерска функција, неговата партија е подготвена да се согласи Борисов да не биде нов бугарски премиер, доколку на тоа инсистира потенцијалниот иден владин партнер, коалицијата Реформаторски блок (РБ), изјави претставникот на ГЕРБ, европратеникот Томислав Дончев.
Тој нагласи дека ГЕРБ дури е подготвена премиерското место да му го препушти на лидерот на партијата Демократи за силна Бугарија (ДСБ), која е една од членките на РБ, Радан Канев, доколку тоа е гаранција за формирање стабилно мнозинство.
Според извори од преговарачките тимови на ГЕРБ и РБ, двете страни во текот на вчерашните петчасовни преговори договориле 20 приоритети на евентуалната нивна заедничка влада.
Дончев нагласи дека декларацијата ги одразува општите принципи и приоритети на ГЕРБ и РБ, додавајќи дека документот ќе им биде доставен и на Патриотскиот фронт и на партијата Алтернатива за бугарска преродба (АБВ), од кои очекуваат поддршка за нивните цели.
Во меѓувреме, бугарскиот претседател Росен Плевнелив денеска ќе ја продолжи серијата консултации со претставници на парламентарните политички сили околку изборот на мандатар за состав на новата влада, со делегации на Бугарскиот демократски центар и на Патриотскиот фронт.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.