| четврток, 6 декември 2018 |

Дедото на Џорџ Буш со помош на нацистите организирал државен удар во САД

Ретко кој денес знае дека група влијателни американски моќници од Волстрит за малку целосно ќе ја изменеја историја на САД, но и на целиот свет доколку им успееше планот за државен удар со кој требаше да се преземе Белата куќа во 1933 година. Заверата била подготвувана од мрежа на богати индустријалци и банкари, меѓу кои биле челните луѓе на Chase Bank, General Motors, Goodyear, Standard Oil, Heinz, Colgate, Birds Eye, а нивни водач бил никој друг, туку сенаторот Прескот Буш, дедо на претседателот Џорџ Буш.

Организацијата која себе си се нарекувала American Liberty League подготвувала воениот удар против тогашниот претседател Франклин Рузвелт, а за реализација на нивната цел го ангажирале генерал- мајорот на маринскиот корпус на американската војска Смедли Батлер. На генералот му ветиле силна војска од 500.000 ветерани со кои ќе го извршеле ударот и ќе ја презеле Белата куќа. Идејата била да се воспостави фашистичко диктаторство во САД кое ќе ја спроведува политиката на Хитлер и Мусолини со цел, наводно, да се победи големата економска криза. Иако организаторите биле подготвени да одат до крај, што би значело и елиминација на Рузвелт, нивниот заговор против претседателот на САД бил откажан.

Фашистички обоените американски капиталисти со цела душа го мразеле американскиот претседател, затоа што во неговиот проект наречен “Њу дил” гледале политика која ги загрозува нивните бизнис интереси. Рузвелт имал намера да објави дека САД ќе престане да ја употребува војската за да се меша во работите во Латинска Америка, со што би ја прекинал поддршката на американските бизнис интереси. Моќниците од Волстрит биле шокирани од неговите одлуки. Тие веќе долго време биле навикнати да имаат огромна контрола врз економската политика на владата, вклучувајќи го и користењето на американските сили да ги заштитат своите скапоцени странски инвестиции. Поради воената улога на Батлер во одржувањето на американските бизнис интереси во странство, заговорниците погрешно претпоставиле дека можат да го убедат да собере “супер-армија” на ветерани и да ги искористат како пиони во нивниот план.

И кој знае како ќе завршела целата операција и во кој правец ќе се движел светот денеска, ако партнерите на Фирерот не погрешеле во изборот за водач на воениот удар. Смедли не само што не бил поддржувач на фашизмот, туку бил и голем патриот и симпатизер на актуелниот претседател Рузвелт. Очигледно никој од конспираторите не приметиле дека генералот активно застанал зад претседателот во кампањата во 1932 година.

Генералот најпрво го прифатил предлогот со намера да ги открие мозоците на заверата, а потоа, во 1934 година го пријавил обидот за заговор пред конгресниот комитет. Батлер во своето сведочење ја расплетол целата мрежа и ги кажал сите вмешани, како и начинот на кој организацијата го подготвувала ударот. Сепак, конгресмените не само што го отфрлиле случајот, туку одбиле и да ги испрашаат наведените имиња од страна на генералот. Сведочењето на Смедли Батлер било избришано и од официјалните документи, а тогашните медиуми максимално го минимизирале случајот- како воопшто да не се случил.

Генералот Батлер кој денес речеси и да е заборавен, пред 80 години одиграл улога на вистински херој, а за својата храброст два пати бил одликуван со орден на честа. Батлер бил гневен од односот на конгресмените кои не само што не презеле ништо, туку и помогнале да се забошоти целиот случај. Пол Комли Френч, новинар од Филаделфија Хералд бил еден од ретките кој се интересирал за заговорот и бил решен да му помогне, па така јавно биле објавени имињата на заговорниците.

Многу од луѓето што биле посочени како заговорници на планот за воен удар продолжиле да имаат тесни бизнис врски со нацистичка Германија се до приклучувањето на САД во Втората Светска војна. Многу од учесниците во заговорот кои генералот Батлер ги изложи пред јавноста, го зголемија своето богатство со инвестирање во фашистичките експерименти на Мусолини и Хитлер. Некои од нив дури и правеа големи профити вооружувајќи ги нацистите пред и за време на Втората светска војна. Сепак, Америка никогаш не стана фашистички сојузник. Иако американските фашисти кои учествувале во заверата во 30-тите години од минатиот век денес се мртви, нивните корпорации преживеаја. Компаниите кои се родија во тој период, денес се меѓу науспешните компании во светот. Тие и понатаму продолжуваат да одржуваат огромно влијание врз владината политика во САД, а преку тоа и врз глобалните прашања за војните, мирот и човековите права. Богатството на семејството Буш, и нивните блиски врски со Волстрит и разузнавачките институции се од суштинско значење во подигнувањето Прескот Буш, неговиот син Џорџ Буш и внукот Џорџ Буш, во политиката и нафтената индустрија.

ПИСМО ДО РУЗВЕЛТ КОЕ ЈА ПОТВРДУВА ЗАВЕРАТА

Во 1936 година, амбасадарот на САД во Германија Вилијам Дод, ги потврдил тврдењата на генералот Батлер. Дод во писмо до претседателот Рузвелт вели:

„Сликата за американските индустријалисти е дека се обидуваат да создадат фашистичка држава која ќе ја замени нашата демократска влада и работат блиску со фашистичкиот режим во Германија и Италија. Имав многу можности за време на престојот во Берлин да бидам сведок колку се блиски некои од нашите водечки американски семејства со Наци режимот. Истакнат бизнисмен од една од најголемите корпорации ми потенцираше дека ќе биде подготвен за конечна акција за доведување на фашизмот во Америка ако претседателот Рузвелт продолжи со неговата прогресивна политика. Одредени американски индустријалисти имаат договор да воспостават фашистички режим во соработка со Германија и Италија. Треба да бидеме внимателни околу овие симптоми.“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top