Неколку странски компании, меѓу кои концерни од Швајцарија, Австрија, Катар и Азербејџан, пројавиле интерес за инвестирање во изградба на ски-центар на Галичица, соопшти градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, нагласувајќи дека преговорите со потенцијалните инвеститори се уште траат.
Мастер-планот и физибилити-студијата за изградба на ски-центар на Галичица го изработи Македонскиот електропреносен систем оператор (МЕПСО), има објавено и оглас за пројавување интерес за изградба и стопанисување со ски-центарот што се уште е во тек.
Преговорите на економските промотори на Владата и надлежните служби од „МЕПСО“ со потенцијалните инвеститори се уште траат и доколку се најде сериозна понуда за инвестирање во таков крупен зафат што чини десетици милиони евра, Владата ќе пристапи кон објавување на тендер како следна фаза во реализацијата на тој проект, рече Бакрачески.
Поканата за пројавување интерес беше објавена кон средината на јуни годинава, при што на заинтересираните инвеститори им беа понудени два пакета, и тоа првиот за изградба и стопанисување со ски-центарот и комплексот на Галичица од страната на Охридското Езеро, а вториот е за изградба на туристички комплекс од преспанската страна.
Според мастер-планот изработен од странски консултантски фирми, ски-центарот на Галичица треба да се гради северно од врвот Kрле Гола Бука на надморска височина од 1.985 метри. До него ќе се стасува и со гондола, чија почетна станица ќе биде над селото Пештани, на надморска височина од 840 метри. Планирано е тој ски-центар да биде со среден капацитет, со некаде до три илјади посетители дневно. На скијачите на располагање ќе им бидат 15 километри ски-патеки, две четириседни жичници, два големи ски-лифта и една лента на ски-лифтот. Проектот предвидува и други содржини како хотели, ресторани и други туристички објекти, како и карпи за качување и патеки за планински велоспиедизам.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.