Французинот Жан-Ерик Паке ќе ја замени Александра Кас-Грање на местото директор на секторот Б во новиот Директорат за преговори за проширување на Европската комисија, предводен од еврокомесарот Јоханес Хан, јавува дописникот на МИА од Брисел.
Паке, кој досега го предводеше секторот Ц, каде што се земјите Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово, ја презеде палката од Шпанката Кас-Грање во секторот каде што покрај Република Македонија, се наоѓаат и Исланд, Црна Гора и Турција.
Со оглед на тоа што се прави целосна трансформација на досегашниот Директорат за проширување, бидејќи од утре на местото на еврокомесарот Штефан Филе доаѓа Австриецот Хан, овој Директорат останува под директорската палка на Данецот Кристијан Даниелсон, но во иднина ќе го носи името директорат за соседство и за преговори за проширување.
Покрај промената на Кас-Грање во секторот Б, на чиешто место доаѓа Паке, се најавуваат и голем број други промени.
Сепак, во рамки на Б.1 одделението за Република Македонија, се очекува Ирецот Дејвид Кулен, кој е автор на последните два извештаја за прогресот за нашата земја, да остане да работи на македонското досие.
Исто така, новиот комесар Хан веќе ги именуваше и својот шеф на кабинет, Михаел Карнишниг и неговиот заменик, Ема Удвин. Досегашниот шеф на кабинет на Филе, Сајмон Мордју, пак, е именуван за нов директор за стратегија за проширување.
Како новина, новата Европска комисија предводена од Жан-Клод Јункер веќе нема да има портпароли за секој од 27-те еврокомесари, како што е досега, туку ќе има само седум гласноговорници, кои ќе покриваат по неколку портфолија.
Досегашниот портпарол за проширување Петер Стано, од утре ќе биде нов гласноговорник на Министерството за надворешни работи на Словачка, а Словенката Маја Коцијанич, која досега беше портпарол на Високиот претставник за надворена и безбедносна политика (Кетрин Ештон), ќе продолжи и во новата Еврокомисија да говори во име на Федерика Могерини, но овој пат ќе го покрива и ресорот за проширување.
Официјално, нов портпарол на целата Комисија, на местото на Данката Пиа Аренкилде-Хансен, именуван е Гркот Маргритис Схинас од Солун.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.