| четврток, 6 декември 2018 |

Граѓаните им веруваат на банките, затоа и повеќе штедат

banki

Банките во Република Македонија имаат висока доверба кај граѓаните. Штедните влогови континуирано бележат пораст, а во септември годинава достигнаа 197 милијарди денари, од кои повеќе од половина се во домашна валута.

Ова беше констатирано на денешното одбележување на Денот на штедењето во Република Македонија, со свечена седница на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Република Македонија.

– Заклучно со септември 2014 година штедењето на населението изнесува 197 милијарди денари, што е зголемено за 15 милијарди денари во однос на септември минатата година, што е исклучително добро и покажува дека стапката на раст на штедењето се зголемува. Охрабрувачки е што повеќе се штеди во денари. Ако во декември минатата година денарското штедење на населението го надмина девизното, тој тренд продолжува и сега имаме 51 отсто од вкупните заштеди на граѓаните се во домашна валута – изјави гувернерот на НБРМ Димитар Богов и додаде дека штедат оние што можат да си дозволат и оти бројот на штедачите е прилично голем во банките.

Тој смета дека  зголеменото штедење, особено зголемото штедење во денари и на долг рок е најдобар индикатор за зголемената доверба која ја има населението во банките. Оттука, додаде Богов,  наша одговорност е да продолжиме да работиме заедно со банките на зголемување на сигурноста и довербата во банкарскиот сектор.

Глигор Бишев, потпретседател на Стопанска комора на Македонија и член на Здружението на банкарство, порача дека и понатаму ќе продолжат банките да работат здраво и сигурно.

Потенцира дека тоа е признание за банките од населението, меѓутоа и обврска да се грижат штедењето да биде сигурно и средствата да се пласираат во сигурни и здрави проекти и во секој момент банките да бидат во состојба да ги стават на располагање средствата на штедачите како тие сакаат.

– Банките во Република Македонија и понатаму ја задржуваат високата доверба на штедачите и населението. Тоа е голем признание за нас банките, меѓутоа исто така и обврска да се грижиме тоа штедење да биде сигурно, односно да ги пласираме во сигурни и здрави проекти и во секој момент да бидеме во состојба на барање на штедачите да можат да располагаат со своето штедење како тие сакаат – изјави Бишев.

Тој додаде дека најголемиот дел од депозитите се пласираат како кај населението, така и кај претпријатијата и оти 94 милијарди денари се вишок штедење кое банките го употребиле за кредитирање на претпријатијата. Тој појасни дека 63 проценти од средствата на штедење учествуваат во покривање на кредитите на претпријатијата, што според него е важен фактор за динимизирање на економскиот раст во Македонија.

По повод Денот на штедењето денеска заеднички настан организираа Народната банка на Република Македонија и Агенцијата за супервизија на осигурувњето, на кој доделија 12 награди на ученици кои беа избрани на конкурсот на тема „И јас умеам да штедам“ или „Што значи за мене осигурување на домот и семејство“.

Целта на овој настан, како што истакнаа Богов и претседателот на Агенцијата Климе Попоски е заеднички да се промовираат активностите за финансиска едукација и да се популаризира штедењето и осигурувањето, особено кај најмладите.

– Во светот живеат 2,2 милијарди дена од кои само еден отсто од нив имаат пристап до финансиски едукација. Токму овој ден сакаме да го искористиме да го популаризираме значењето на финансиката едукација – изјави Попоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top