Ќе биде интересно на завршниот турнир во тенис, популарниот Мастерс куп во Лондон, откако вчера Енди Мареј обезбеди настап на престижниот настан со осумтте најдобри тенисери во 2014 година.
Мареј го победи Григор Димитров на турнирот во Париз и собра доволно АТП-поени за да игра во Лондон, заедно со Ѓоковиќ, Федерер, Вавринка и Чилиќ. Тоа е петорката што има гарантиран настап, а во Лондон требаше да патува и Рафаел Надал, но тој ќе ја пропушти завршницата на тениската сезона поради повреда.
Мареј предизвика бура од негодување во Англија, при референдумот на Шкотите за независност кога преку „Твитер“ на еден ден пред гласањето ги повика сонародниците „да ја завршат работата“, односно да гласаат за независна Шкотска.
Енди до тој момент имаше речиси безрезервна поддршка од Британците, а Тениската федерација на Велика Британија вложи многу пари во неговиот тениски развој.
Завршниот турнир во Лондон ќе се игра од 9 до 16 ноември, а за Мареј тоа ќе биде прв настап во Англија по референдумот во Шкотска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.