| четврток, 6 декември 2018 |

ИД планира убивање цивили на Запад со ебола

Шпанскиот државен секретар за безбедност Франциско Мартинез предупреди дека Исламска држава (ИД) ги повикува приврзаниците да убиваат цивили на Запад со сите можни средства, вклучително употреба на вирусот ебола како хемиско оружје, пренесува британскиот весник „Дејли мејл“.

Мартинез, втор човек во командниот синџир на шпанското Министерство за внатрешни работи, наведува три специјални случаи во кои млади муџахедини поврзани со ИД користеле „соби за разговор“ на интернет и сериозно разговарале за можноста од користење на смртоносниот вирус и други отрови како нови терористички методи, пренесува весникот.

Според Мартинез, во разговор меѓу симпатизери на ИД кон средината на септември се споменува употреба на ебола како оружје против САД. Во друг пресретнат разговор екстремисти разгледувале како најдобро да употребат смртоносни хемиски производи украдени од лабораторија.

Портпаролот на терористичката група ги повикал приврзаниците да убиваат цивили на Запад со сите можни средства, истакнува Мартинез.

Шпанскиот функционер пред пратениците во парламентот изјави дека екстремистите користат „соби за разговор“ за барање најдобар начин за извршување терористички напади, како и дека екстремисти од ИД го гледаат интернетот како можност за проширување на бојното поле, наведува „Дејли мејл“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top