| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува снимањето на филмот „Ослободување на Скопје“

Сценариото е на Душан Јовановиќ и на Шербеџија, кој играл во праизведбата на драмската претстава во Загреб во седумдесеттите години на минатиот век

rade-serbedzija-3

Денеска во Велес почнува снимањето на долгометражниот филм „Ослободување на Скопје“, чијшто режисер е Раде Шербеџија, а во главната улога, првпат на филм ќе дебитира 10-годишниот Давид Тодосовски во улогата на Зоран.

Освен во Велес, ќе се снима и во Битола, а филмот треба да финишира со снимањето на Свети Никола, на 19 декември во Скопје. Според најавите, „Ослободување на Скопје“ би требало да биде готов летото, во 2015 година.

Сценариото е на Душан Јовановиќ и на Шербеџија, кој играл во праизведбата на драмската претстава во Загреб во седумдесеттите години на минатиот век. Во таа претстава детските ликови ги играле децата на Шербеџија, Луција и Данило, кои денес во филмот се, исто така, вклучени – Данило како копродуцент, а Луција како актерка што го глуми ликот на Лица.

rade-serbedzija-4

– „Ослободување на Скопје“ е мој сон. Тоа е најубаво напишан текст на просторите на поранешна Југославија. Со оваа претстава имавме голем успех во сите театарски центри каде што беше поставена. Додека живеев во САД постојано размислував како да направам филм од претставата. Сценариото го напишав пред седум години, потоа го понудвиме, ни беше одбиено, но не се откажав. Сега добив шанса да го снимам филмот и бескрајно сум благодарен поради тоа – рече Шербеџија.

Актерската екипа е интернационална и ја сочинуваат Давид Тодосовски, Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Мико Ноусаинен, Небојша Глоговац, Петар Мирчевски, Јари Вирман, Дејан Лилиќ, Денис Абдула и Аксел Мехмед. Директор на фотографија е Дејан Димески, а Влатко Стефановски е автор на музиката за филмот.

– Многу ми е драго што мојот град добива филм каде што во насловот го има Скопје. Мислам дека ова ќе биде култен филм. Претставата „Ослободување на Скопје“ во 1977 година, чијшто режисер беше Слободан Унковски, ја игравме во просторот на старата Железничка станица во Скопје. Ова е убав, човечки текст кој функционира и денес – рече Стојановска, која по „Пред дождот“ повторно ќе глуми во филм со Шербеџија.

rade-serbedzija-6

Стефановски, исто така, бил вклучен во претставата „Ослободување на Скопје“ во 1977 година, како автор на музиката.

Директор на фотографија е Дејан Димески. Филмот доби финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија, Финскиот филмски фонд, Хрватскиот аудиовизуелен центар и Еуримаж. Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Хрватот Игор Нола. Филмот ќе чини 2,110 милиони евра од кои Македонија дава 1.250.000 евра, а Еуримаж 310.000 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top