| четврток, 6 декември 2018 |

Со стратегија против одливот на мозоците од Македонија

Нацрт-стратегијата е конципирана од заклучоците добиени при консултирање на четири групи: студенти во завршни години од студиите, претставници на универзитетите, приватниот сектор и лица кои биле на студии во странство

Млади

Неверојатни 85 отсто од младите во Македонија во завршни студиски години својата иднина ја гледаат во странство. Вкупно 29 отсто од високообразованите лица живеат во странство. Оваа интелектуална емиграција мора да запре. Податоците кои серизоно треба да не загрижат беа повод Министерството за образование и наука да креира нацрт-национална стратегија за намалување на одливот на високообразован кадар и за вмрежување и соработка 2013-2020. Документот е поставен на веб-страницата на МОН, а беше презентиран денеска на јавна расправа на Технолошко-металуршкиот факултет.

Поголемите плати, подобрите услови за работа и подобро организираната средина се најчестите причини за одливот на мозоците од Македонија. Одовде ги бркаат ниските плати, економската нестабилност и неизвесност и малку можности за напредок во кариерата.

– Нема стратегија што на краток рок може да го реши проблемот со платите и затоа се фокусиравме на другите причини – условите, организацијата и напредокот во кариерата. Целта е економски развиена Република Македонија и повисока стапка на вработеност – изјави Глигор Стојков, консултант.

Нацрт-стратегијата е конципирана од заклучоците добиени при консултирање на четири групи: студенти во завршни години од студиите, претставници на универзитетите, приватниот сектор и лица кои биле на студии во странство.

За имплементација на стратегијата ќе бидат преземени буџетски средства кои се предвидени во донесената Стратегија за иновации, кои меѓу себе се усогласени и комплементарни. Проекциите за 2013 се 530.000 евра, за идната година 1,1 милион евра и 2,2 милиона за 2015 година.

Стратегијата е финансиски поддржана од УСАИД.

– Пакетот  мерки во двете стратегии – во оваа и во Стратегијата за иновации, треба да овозможат добра основа за намалување на одливот на кадар, но и за помагање на развојот на македонската економија низ мерки и активности што ќе бидат спроведувани во следните години – изјави министерот за образование Панче  Кралев.

Во нацрт-стратегијата се дефинирани четири приоритети, кои содржат повеќе мерки: првиот е да се создадат услови за изградба на национален систем за управување со движењето на високообразовани поединци од земјата и развојно активирање на потенцијалите на интелектуралната емиграција. Сега не постои систем кои ги евидентира тие лица, каде се наоѓаат и какви им се желбите.

Вториот приоритет е намалување на одливот на мозоци со тоа што ќе се зголеми атрактивноста на Македонија како место за работа и за ангажман на млади високообразовани лица. Целна група се студенти и наставно-научен кадар за кои е предвидено да им се стипендираат престои во странство. Поддршка на приватниот сектор директно да учествува во спречување на одливот со тоа што ќе ангажираат млади со високо образование. Зголемување на повеќе атрактивни студии за сметка на помалку привлечните, поттик за соработка со странски истражувачи…

Третиот приоритет е премин од одлив кон прилив на мозоци преку зголемување на нивото и обемот на враќање на интелектуалната емиграција од РМ. Тука се планира професионално ангажирање на македонски емигранти во македонски институции, во кои ќе донесат различен начин на размислување и работа. Стипендирање странски студенти, грантови за наши иселеници да инвестираат бизниси во Македонија, поддршка на истражувачи со македонско потекло, инвестиции во научно-истражувачката инфраструктура.

Четвртиот приоритет е зголемување на интелектуралната размена со странство преку поттикнување на соработката помеѓу образованите поединци со потекло од Македонија кои живеат и работат во странство и македонски научно-истражувачки институции и развојни компании.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top