| четврток, 6 декември 2018 |

„Икона“ ја доби престижната награда „Доситеј Обрадовиќ“ во Србија

ikona

Заменик министерот за култура на Република Србија, Александра Фулгоси, на свеченост на Саемот на книга во Белград му ја врачи престижната награда „Доситеј Обрадовиќ“ на директорот на Издавачката куќа „Икона“ од Скопје, Николчо Мадешовски.

Наградата „Доситеј Обрадовиќ“, што традиционално ја доделуваат Министерството за култура и информирање на Република Србија, Саемот на книга во Белград и фондацијата „Доситеј Обрадовиќ“, се доделува за исклучителен придонес кон преведувањето на книжевното творештво и промоцијата на културата на Република Србија.

Одлуката за наградата ја донесе жирито во состав: Радомир Путник – претседател, Зоран Хамовиќ, Гојко Божовиќ, Марко Недиќ и Драган Великиќ, членови.

– Разгледувајќи ги програмите на странските издавачи кои објавуваат современа српска книжевност, жирито многу лесно и брзо дојде до цврсто убедување дека издавачката работа на „Икона“ е вистинско остварување на целите поради кои е и основана наградата „Доситеј Обрадовиќ“. Пример е за професионална самосвест и одговорен издавач кој посветено објавува и покрај приликите и создава нови прилики благодарение токму на објавените книги – рече членот на жирито, познатиот издавач и поет Гојко Божовиќ.

-Наградата е потврда дека сме работеле добро, избирајќи квалитетни наслови и автори, внимавајќи и на нивната презентација во Македонија. Учествуваме и во доведувањето на српските автори во Македонија, а промоцијата на романот „Лудвиг“ кога гостин ни беше Давид Албахари, се уште е една од најпосетените промоции со странски автор на квалитетна литература во последните години. Авторите ги промовираме и на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“, каде првиот лауреат на наградата „Прозарт“ беше писателот Владислав Бајац. Внимание се обрнува и на квалитетот на преводот, па неколку од книгите ги преведе Александар Прокопиев, писател добро познат во Србија, како и преведувачката Јасмина Алексова. Оваа награда за нас значи и поттик за подобра соработка во иднина – рече Мадешовски по примањето на наградата.

На доделувањето на наградата беседа одржа и еден од најпознатите српски поети, Драган Јовановиќ Данилов, а се обрати и претставник на Саемот на книга.

На врачувањето, на покана на Саемот на книга во Белград, присуствуваше и директорот на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, чиј организатор е „Икона“, Дејан Трајкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top