Терористот што минатата недела уби војник во Националниот меморијален центар во Отава, Канада, а потоа беше убиен во зградата на парламентот, оставил видеопорака од која, според полицијата, се гледа дека за чинот имал идеолошки и политички мотиви.
Деталната анализа на видеото сѐ уште е во тек, па поради тоа не може да биде објавено, истакнува комесарот на Кралската канадска коњичка полиција, Боб Полсон.
Нападот на Мајкл Зехаф Бибов го зголемил стравот дека Канада ќе биде изложена на репресии од страна на екстремните исламисти поради приклучувањето на земјата на коалицијата предводена од САД.
Полицијата ги истражува контактите на Зехаф во деновите пред нападот за да се утврди дали некој од нив имал влијание или му помогнал на некој начин да го изврши нападот. Утврдено е дека ножот што го носел Зехаф бил од имотот на неговата тетка во Мон Тремблан, а сѐ уште се истражува како дошол до пушката – редок стар модел.
Нападот во Отава следуваше два дена откако терорист инспириран од Исламската држава прегази двајца војници на паркинг во Квебек, убивајќи еден од нив, по што беше застрелан од полицијата. Напаѓачот бил под надзор на канадските власти кои имале информации дека е наклонет кон џихадистите, а кога се обидел да отпатува во Турција му бил одземен пасошот. За разлика од него, Зехаф, чиј татко бил Либиец, не бил под надзор на властите. Полицијата претпоставува дека неговиот мотив за нападот може да е доцнењето на властите да му издадат пасош. Според првобитното сведочење на неговата мајка, тој сакал да патува во Сирија, а потоа за тамошните медиуми изјавила дека сакал да патува во Саудиска Арабија за да го проучува Куранот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.