| четврток, 6 декември 2018 |

Како до свој дом, информирајте се на саемот за „Купи куќа, купи стан“

Saem kupi kukja stan 1 (Custom)

Градежни компании, банки, осигурителни компании и Министерството за финансии како носител на проектот „Купи куќа, купи стан“ од денеска до 28 овој месец учествуваат на Првиот саем посветен на овој владин проект. Заинтересираните граѓани на едно место можат да се информираат за условите што ги нуди проектот, начинот на кој може да добијат субвенциониран кредит од банките, како и за понудата на станови кои се вклопуваат во пропишаните услови на проектот. Се нудат станови во Скопје, Охрид, Битола и Струмица, кои се со цена до 900 евра, за да може да бидат дел од проектот.

Цветко Грозданов, директорот на Акционерското друштво за изградба и за стопанисување со станбен и деловен простор истакнува дека интерес има и дека нудат станови во Скопје на две локации во Реонски центар и на „Трета македонска бригада“ каде што квадратот е 795 евра, во Охрид 700 евра и Битола и Струмица 530 евра.

Saem kupi kukja stan 2 (Custom)

– Ние како Акционерско друштво во повеќе градови нудиме станови кои што влегуваат во категоријата станови што со цената можат да бидат дел од владиниот проект. Во Скопје на две локации имаме можност за продажба на вакви станови. Станови подлежат под сите оние услови кои што ги предвидува државата, поточно вградени се сите ИСО стандарди и квалитетот на зградите е во одлична состојба. Досега имаме продадено 500 станови од кои 20 до 30 проценти се преку овој проект, а со последното подобрување на условите очекуваме да порасне бројот на станови кои ќе се продадат преку овој проект – изјави Грозданов денеска на првиот ден од Саемот.

Градежната компанија „Адора инженеринг“ се вклучи во владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ затоа што, како што истакна директорот Ванчо Чифлиганец, тоа е еден од најповолните проекти за сите заинтересирани страни. Тие досега имаат продадено повеќе од 40 станови преку проектот.

-Владиниот проект „Купи куќа, купи стан“ го раздвижи прометот на недвижностите и на севкупната економија на Р.Македонија. Проектот допринесе цените на становите значително да се намалат. Ние се вклопивме веднаш во проектот со атрактивни локации низ Македонија. Квалитетот на нашите станови е висок без разлика дали станува збор за стан од проектот или не – истакна Чифлиганец.

Покрај стан, преку проектот може да се купи или изгради куќа. Сопственикот на „Хот и Хот“, Роберт Хот вели дека интересот е се поголем особено по подобрување на условите кои се однесуваат на делот за куќите.

– Најмногу се бараат куќи до стотина квадрати. Тие се најсоодветни за граѓаните бидејќи и цената е пристапна – рече Хот и додаде дека зависно од локацијата во просек чини околу 35.000 евра. Нудат куќи во Сопиште, Ѓорче Петров, односно главно на периферијата. Соопшти дека досега се продадени неколку куќи и дека за неколку се во фаза на одобрување.

На саемот се присутни штандови и од сите банки кои го поддржуваат проектот расположени за информирање на граѓаните при што од сите банки каматната стапка за кредитот во првите 5 години е иста. И Осигурителните компании го поддржуваат проектот со низа попусти за периодот дури трае саемот. Заинтересираните граѓани покрај поволностите за стан можат да добијат и низа поволности за купување на мебел од компаниите за мебел кои го поддржаа проектот.

Saem kupi kukja stan 5 (Custom)

Граѓаните се заинтересирани за проектот и оценуваат дека е одличен. Според присутните, понудите се интересни. Го посетиле саемот за да соберат повеќе информации и да донесат одлука. Некои се за да обезбедат прв сопствен дом, а некои за да добијат поголем комфор и да купат поголем стан од она што го имаат.

Проектот беше промовиран во јануари 2012 година. Досега 331 семејство го решиле станбеното прашање преку овој проект. Граѓаните повеќе се решаваат за купување стан, односно од овие 331 семејство меѓу 270 и 280 се одлучиле за стан.

Проектот продолжува и наредната година. На граѓаните им се нудат два модела – половина рата за купување стан и 75 проценти за изградба на куќа. Вториот модел е учество.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top