Од 23 до 27 октомври на повеќе локации во Скопје ќе се одржи десетото издание на Модниот викенд во Скопје, чијшто продуцент е Светлана Богова – Јовановска. Модниот викенд во Скопје претставува платформа за промоција, интеграција и за развој на македонската модна култура и е единствен од ваков вид што се одржува во Скопје двапати годишно. На едно место ги собира младите и успешни марки и дизајнери, образовни институции, фотографи, модни агенции, новинари и други модни учесници, кои ја презентираат својата работа, разменуваат идеи и со тоа ја засилуваат модната сцена.
Во тек се подготовките за десетото, јубилејно издание на Моден викенд во Скопје. Што ново ќе донесе овој пат најголемиот моден настан во Македонија? Што ќе им понудите на љубителите на модата и на убавото?
Богова – Јовановска: Сезонава, како и во иднина, ќе се водиме од мотото „без граници“. Очекуваме 20 модни ревии и перформанси, фотоизложба, едукативен дел и илјадници гости – почитувачи на модата и на дизајнот. Ќе имаме ексклузивна ревија на српската дизајнерка Ивана Пиља, која ќе го затвори ова издание. Ни гостуваат и Флутура Дедиња од Косово, Марина Мицановиќ од Србија и по долго време, македонската публика ќе ги види креациите на нашиот Јован Петровски, кој подолго време твори во Бангкок. Имаме и едно изненадување – изложба на отворено наречена „Арт ограда“. Со овој проект сакаме да ја популаризираме модата и да покажеме дека модата не е привилегија на елитата.
Кога во 2009 година дојдовте во Македонија од Русија, решивте своето знаење од областа на модата да го пренесете тука. Дали денес Модната недела во Скопје е тоа што го замисливте пред пет години?
Богова – Јовановска: Во изминативе пет години, секоја модна недела за мене претставува еден вид тест. Шестмесечни подготовки, собирање информации и преиспитување на тоа што се случило во претходното издание. Модата како дел од културните и креативни индустрии го има своето потекло во индивидуалната креативност, вештина и талент и потенцијал за работа и создавање богатство преку генерирање и експлоатација на интелектуалната сопственост. Во светски рамки, статистички извори покажуваат дека креативноста е најбрзорастечката гранка на економијата. Тоа е уште една причина зошто се трудам да се развива модата во Македонија и да се поврзе со деловниот сектор. Тоа е мојата цел. Модни дизајнери имало и ќе има. Потребна им е само вистинска стратегија како најдобро да ја покажат својата креативност. Со Моден викенд во Скопје ова прашање излегува на виделина и се прави разлика од дизајнер до дизајнер, луѓето се запознаваат со работата на дизајнерите, државните институции почнуваат да го гледаат одблиску креативниот сектор, а купувачите тоа што им се допаѓа.

Дали Македонија има моден идентитет?
Богова – Јовановска: Мислам дека во моментов поради глобализација ниту една држава нема моден идентитет. Сите, можеби, имаат само национална филозофија. Но на крајот на денот, дизајнот продава, а не филозофијата. Најважното не е идентитетот, туку трендот. Од 2000 година, па наваму, најголемите модни трендови се сведуваат на минимализам инспириран од уметност и од архитектура. Кога ќе отворите македонско списание, веднаш гледате десет проценти информации за домашни дизајнери а преостанатите модни содржини се посветени на интернационалните трендови. Секоја земја си ги почитува домашните дизајнери и текстилниот пазар. Се обидуваме преку Моден викенд во Скопје и кај нас да ја смениме ситуацијата. Да се зборува и презентира повеќе во јавноста и, секако, тоа да биде направено на професионален начин.
Дали имате омилен македонски креатор?
Богова – Јовановска: Јас, навистина, сакам и купувам македонски дизајн, впрочем 40 проценти од мојот гардеробер е составена од парчиња на македонски дизајнери и секогаш сакам парче повеќе. Горди сме кога ги презентираме најдобрите колекции надвор од земјава, кога слушаме позитивни критики и ја делиме среќата на дизајнерите од добрата промоција и продажба.
Што е тоа што ги одделува македонските креатори од другите?
Богова – Јовановска: Пазарот! Ова е многу мал пазар за да може дизајнерите да работат стабилно и да го развиваат бизнисот. Македонците сѐ уште мислат дека дизајнерските парчиња се скапи, но не е така. Ние континуирано зборуваме за тоа во јавноста и организираме продажни салони за да ги прикажеме, пред сѐ, квалитетот, а потоа и цената на парчињата од домашните дизајнери. Секој може да си најде дизајнерско парче достапно за сопствениот џеб.
Дали македонските дизајнери можат да бидат конкурентни на светските пазари?
Богова – Јовановска: Апсолутно! Моментно најголемиот луксуз е да се има уникатно дизајнерско парче. Новото видување на луксузот е кога им велите „не“ на „мега-брендовите“ и се доближувате до мали дизајнерски марки. Има илјадници мали, интересни, рачно изработени дизајнерски творби. Луксузот се враќа на својата првична идеја – уникатност, ексклузивно производство и близок однос со купувачот. Македонските дизајнери сѐ уште се држат до традиционалното и успешно можат да најдат клиенти за своите производи.
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Александар Ивановски
Текст објавен во 111. број на неделникот „Република“, 17.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


