Девет лица заработија кривични пријави поради сомнение дека го оштетиле Министерството за одбрана за вкупен износ од 2.768.000 американски долари oдносно 134.988.810,00 денари. Според МВР се работи за лица на возраст од 51 до 67 години од Скопје, Кочани, Струга и Пробиштип. Осомничените се во својство на овластени потписници на нерезидентни сметки во „Комерцијална банка“ како и сопственици, основачи, директори или управители на фирми во Кипар, Бугарија, Велика Британија и Македонија, како и началник на секторот за логистика при Министерството за одбрана.
– Преку заедничко делување, членовите на криминалната група се товарат дека го оштетиле Министерството за одбрана за вкупен износ од 2.768.000 САД долари oдносно 134.988.810,00 денари, преку незаконско работење поврзано со сервисирањето на хелихоптерите на ААрмијата на република македонија во Украина. Со своето делување приведените се осомничени дека во периодот меѓу 2004 и 2009 година причиниле штета од големи размери, и ги сториле кривичните дела „Злосторничко здружување“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Перење пари и други приноси од казниво дело“ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“. Според досега документираните сознанија, кривичните дела се извршени преку правните лица односно фирмите „Дрвомак“ од Благоевград, Бугарија, „KL TECNOSERVICES“ LTD од Ливерпул, Велика Британија, „PTP DELIKATES (CYPRUS) TRADING LTD“ од Кипар, „Студио Д“ ДОО Кочани, „Делта Текс Ко“ ДОО Кочани, „Специјална опрема Скопје“ ДОО Скопје и „Сувенир“ АД во стечај Самоков-Македонски Брод. По преземените мерки во рамки на операцијата „Арсенал“, дојдено е до сознанија дека прворијавените кои се во меѓусебна роднинаска врска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист од поголеми размери, формирале криминална група, преку која во период од пет години, незаконски присвоила парични средства, со прикажување на нереално зголемена вредност на услуги за сервисирање на 6 хеликоптери на Министерството за одбрана на Република Македонија.
Истите ова го сториле на тој начин што основале две странски правни лица „Дрвомак“ ЛТД, Благоевград, Р. Бугарија и „KL TECNOSERVICES“ LTD од Ливерпул, Велика Британија, со цел надлежните органи на Република Македонија да немаат увид на паричните текови, деловните активности и работењето на истите. Затоа во криминалната група се приклучиле и началникот на секторот за логистика при Министерството за Одбрана, како одговорните лица во „Дрвомак“ и „KL TECNOSERVICES“, но и пријавените овластени и одговорни лица во правните субјекти „Сувенир“ и „Специјална Опрема Скопје“.
Покрај ова, криминалната група преку неосновани исплати од Дрвомак и Техносервис на правните лица „Делта Текс Ко“, „Делтекс“, „Студио Д“, „Еко Нет Агенс“, Деликатес-Никозија Кипар, кои правни лица се во нивна сопственост и Специјална опрема Скопје, како и преку готовината што ја подигал првопријавениот, нелегално стекнатите парични средства во вкупен износ од 1.121.400 САД долари, 72.282 евра и 21.800 Британски фунти, ги внеле во легалниот платен промет на Р.Македонија – велат од МВР.
Тие потенцираат дека како член на криминалната група, Началникот на Секторот за логистика при МО во своето постапување не превзел доволно активности за да ги заштити интересите на министерството, односно овозможил „Дрвомак“, Благеовград, да се стекне со противправна имотна котист. Тој учествувал во постапките при склучувањето на Договорите помеѓу МО со „Сувенир“ и „Специјална опрема“ Скопје, односно преку него одела целокупната коресподенција помеѓу Министерството и овие две правни лица.
-Во договорите стоело дека давателот на услугите го информира корисникот за текот на извршување на услугите, така што началникот морал да има увид во вредностите на сите договори со Украинските изведувачи на ремонтите, но не превзел доволно активности за да ги заштити интересите на МО, односно дозволил за истото да се исплатат 1.742.300,00 САД долари повеќе, во корист на „Дрвомак“, Благоевргад, Бугарија. Исто така, тогашниот директор на „Сувенир“, им овозможил на членовите на организираната криминална група да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 935.000 САД долари, кои биле уплатени во корист на „Дрвомак“ на нерезидентната сметка во „Комерцијална банка“, а двајца од пријавените, преку „Специјална опрема Скопје“, им овозможиле на членовите на организираната криминална група да се стекнат со противправна имотна корист во износ од 807.300 САД долари кои биле уплатени во корист на „Дрвомак“ и противправна имотна корист во износ од 1.129.954 САД долари кои биле уплатени во корист на „KL TECNOSERVICES“, на нивните нерезидентни сметки во „Комерцијална банка“.
Првопријавениот, како овластен потписник на нерезидентната сметка на „Дрвомак“ во „Комерцијална банка“, од приливот на девизни средства во износ од 1.834.000 САД долари, по основ на првиот договор и приливот на девизни средства во износ од 1.800.000 САД долари, по основ на вториот договор, откако дал налози за исплата на фирмата „Укринмаш“ во износ од 995.000 САД долари за првиот договор и 1.100.700 САД долари за вториот договор, со цел да оствари противправна имотна корист, дал налози за исплата и на останатите девизни средства од нерезидентната сметка на „Дрвомак“ кон други правни лица во странство и во Република Македонија, како и налози за подигање готовина на негово лично име, па така на овој начин, исплатил вкупно 1.541.345 САД долари, 29.612 евра и 11.600 Британски фунти. Како овластен потписник на нерезидентната сметка на „KL TECNOSERVICES“ во „Комерцијална банка“, од приливот на девизни средства во износ од 2.745.000 САД долари, по основ на третиот договор, откако дал налози за исплата на фирмата „Укринмаш“ во износ од 1.615.046 САД долари со цел да оствари противправна имотна корист, дал налози за исплата на останатите девизни средства од нерезидентната сметка на „KL TECNOSERVICES“ кон други правни лица во странство и во Република Македонија, како и налози за подигање готовина на негово лично име, па така исплатил вкупно 941.359,50 САД долари.
На овој начин, осомничените, од двете фирми одлеале вкупен износ од 2.482.704,50 САД долари, 29.612 евра и 11.600 Британски фунти. Дел од вака исплатените девизни средства од сметката на „Дрвомак“, неосновано биле насочени кон правните лица „Делтекс“ (30.000 САД долари), „Делта Текс Ко“ (173.000 САД долари), „Студио Д“ (преку 117.000 САД долари) и „Еко Нет Агенс“ (13.000 САД долари), со прикажување на фиктивни деловни односи – додаваат од Министерството.
ВИДЕОТО ОД ПОЛИЦИСКАТА АКЦИЈА МОЖЕТЕ ДА ГО ВИДИТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.