| четврток, 6 декември 2018 |

„Икона“ е добитник на наградата „Доситеј Обрадовиќ“ од Министерството за култура на Србија

ikona

Издавачката куќа „Икона“ од Скопје е добитник на престижната награда “Доситеј Обрадовиќ“, што традиционално ја доделуваат Министерството за култура и информирање на Република Србија, Саемот на книга во Белград и фондацијата “Доситеј Обрадовиќ“.

Наградата се доделува за исклучителен допринос кон преведувањето на книжевното творештво и промоцијата на културата на Република Србија.

По тој повод, на покана на белградскиот Саем на книга, на 26 и 27 октомври 2014 година, гости ќе бидат директорот на Икона, Николчо Мадешовски, кој ќе ја прими наградата на свеченост организирана од Саемот на книга, и директорот на Интернационалниот литературен фестивал “ПРО-ЗА Балкан“, чиј организатор е “Икона“, Дејан Трајкоски.

Одлуката за наградата ја донесе жирито во состав: Радомир Путник – претседател, Зоран Хамовиќ, Гојко Божовиќ, Марко Недиќ и Драган Великиќ, членови.

-Оваа куќа во последните години, во континуитет, преведе и издаде поголем број дела од наши автори: “Лудвиг“ од Давид Албахари, “Сплит“ од Славољуб Станковиќ, “Панаѓурски магионичар“ од Јелена Ленголд, Михајло Пантиќ со “Ако е тоа љубов“ и “Овојпат за болката“, Срѓан Тешин со “Клетвите на куварот и други гадости“, Саша Обрадовиќ со “Градина на љубовта“, Драган Јовановиќ Данилов – “Татко на ледените ридови“, Ласло Блашковиќ – “Приказна за изнемоштеноста“, се вели, покрај другото, во дописот од фондацијата “Доситеј Обрадовиќ“.

Меѓу досегашните добитници на оваа награда се и некои од најголемите и најпознати издавачи во Југоисточна Европа. Издавачката куќа “Икона“, покрај преводот на книги од српски автори, е организатор на една од се уште најпосетените промоции на книга од странски автор во Македонија, промоцијата со култниот Давид Албахари во 2011 година, а прв лауреат на наградата “Прозарт“ која ја доделува фестивалот “ПРО-ЗА Балкан“ е славниот српски писател и издавач, Владислав Бајац, кој сега е член на Одборот за доделување на истата награда.

Издавачот „Икона“ активно партиципираше и во организацијата на претставувањето на Народната библиотека на Република Србија и Министерството за култура и информирање на Република Србија на Саемот на книгата во Скопје 2014 година, во чии рамки се случи и настанот “Вечер на српски автори”, во Даутпашиниот амам.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top