| четврток, 6 декември 2018 |

МВР ќе вработи уште 400 полицајци

Министерството за внатрешни работи, утре ќе распише Јавен оглас за прием на нови 400 извршители на работно место „Полицаец“ за работа во Министерството, трет ваков конкурс кој што ќе се реализира согласно веќе стандардизираните и исцрпни критериуми.

– Кандидатите кои ќе ги исполнат условите и кои ќе бидат избрани по направената селекција, ќе склучат договор за основна обука за кандидат за полицаец во времетраење од една година, која ќе се спроведе во Центарот за обука при Министерството за внатрешни работи. По завршување на основната обука кандидатите за полицаец ќе склучат и договори за вработување во организациските единици сместени во Скопје, информираше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Исто како и при распишувањето на претходните два конкурси за прием на полициски службеници, кандидатите треба да ги исполнуваат следните општи услови: да се државјани на Република Македонија, да се полнолетни, а да не наполниле 25 години, да имаат завршено најмалку четиригодишно средно образование, да се здравствено и психофизички способни и со правосилна пресуда да не им е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност.

Освен овие општи, кандидатите треба да ги исполнуваат следните посебни услови: телесна висина од најмалку 175 сантиметри за мажи, односно 165 сантиметри за жени, како и висока лична физичка и психичка подготвеност за извршување на полициските задачи.

Постапката за селекција на кандидатите ќе ја спроведува Комисија за избор на кандидат за полицаец, која што ќе ја формираме и ќе се спроведува во пет фази. На почеток ќе се врши административна проверка, односно утврдување на навременост и потполнетост на поднесената документација, како и исполнетост на пропишаните услови. Потоа, во дополнително закажаните термини ќе следи проверка на моторички способности. Како и при претходниот прием на полициски службеници, предуслов за натамошно продолжување со селекцијата ќе биде минимумот од 60 стомачни склекови, 55 градни склекови, трчање на 3200 метри за 13,30 минути и 10 згибови на вратило за мажи, додека минимумот за женските кандидати ќе изнесува 60 стомачни склекови, 27 градни склекови и 3200 метри за 16,30 минути, како и други физички проверки, кои би биле определени од страна на Комисијата.

По завршување на физичкиот дел, ќе следува писмено тестирање кое опфаќа општообразовен тест и психолошки тест, по што ќе се спроведува поединечно интервјуирање, односно разговор со секој кандидат за полицаец, кој ги поминал претходните фази.

Последна фаза во селекцијата ќе бидат здравствените прегледи, односно проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите. Истите во постапката за селекција ќе се утврдуваат од страна на Здравствена комисија која што ќе биде формирана за таа намена.

Заинтересираните кандидати ќе треба да ги достават следните докази за исполнување на потребните услови за работното место, во оригинал или копија заверена на нотар: уверение за државјанство, извод од матична книга на родените, диплома за завршено четиригодишно образование, доказ дека со правосилна пресуда не му е изречена казна забрана за вршење професија, дејност или должност и две фотографии во големина на патна исправа.

Пријавата со потребната документација, кандидатот е должен да ја поднесе ЛИЧНО во едно од определените места за пријавување, и тоа: СВР Скопје во Полициските станица од општа надлежност-Гази Баба, Бит Пазар и Карпош, како и во останатите Сектори за внатрешни работи, односно Битола, Велес, Куманово, Тетово, Охрид, Струмица и Штип.

Кандидатот е должен при поднесување на потребните документи, со себе да носи лична карта или пасош за идентификација, а тоа може да се прави секој работен ден во определениот рок, во текот на работното време.

Кандидатите може да конкурираат веднаш по објавувањето на огласот а рокот за доставување на пријавите е 15 дена. Ненавреманата и непотполната документација нема да се разгледува.

По спроведената постапка за селекција, избраните кандидати за полицаец склучуваат договор за основна обука за полицаец и на истата се упатуваат за 10 отсто поголем број кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан овој оглас или во конкретниот случај 440 кандидати.

По завршување на основната обука во времетраење од една година, Министерството со кандидатот за полицаец кој ја завршил основната обука за полицаец и кој врз основа на постигнатите резултати соодветно е внесен во ранг листата склучува Договорот за вработување.

– При селекцијата ќе биде земена предвид соодветната и правичната застапеност на сите етнички заедници во Република Македонија од редот на кандидатите кои ги исполнуваат општите и посебните услови како и психо-физичките и моторички способности, а Министерството особено ќе внимава и на соодветната родова застапеност на кандидатите кои ги исполниле условите на обата пола од кандидатите во секоја етничка заедница согласно позитивните законски прописи. Лесно може да се забележи дека условите се практично идентични со оние кои ги предвидовме на претходниот конкурс од едноставна причина што нема причина да се менува варијантата која се покажа како најпродуктивна. Имено резултатите кои ги постигнуваат кандидатите на едногодишната обука која што ја привршуваат, ни говорат дека сме го одбрале вистинскиот начин за селекција на идните полициски службеници. Заедно со 700–те кандидати кои беа примени во претходните две години, Министерството по завршување и на овој конкурс ќе добие вкупно 1.100 нови млади полициски службеници, што ќе претставува значително освежување на кадарот и многу поголема мобилност и ефикасност на униформата, додаде Јанкулоска.

Министерката им посака среќа на сите заинтересирани и ги повикам со време да почнат да работат на својата физичка подготвеност.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top