Филмот на италијанскиот режисер Лоренцо Спортило ќе ја има својата премиера. На 24 октомври, во рамките на Филмскиот фестивал во Рим ќе биде прикажан „Индекс Зеро“, филм во кој глумат македонските актери Дејан Лилиќ и Мето Јовановски.
Дел од филмот се снимаше во Бугарија. Република минатата година беше на снимањето на филмот. Приказната се одвива во 2035 година, период по глобалната економска криза. Темна ќелија. Курт се обидува да го дофати бедниот оброк оставен од другата страна на безбедносните решетки. Се мачи да дојде до голтка вода што ќе му ја згасне жедта… барем на сувите испукани усни… Очите му се крвави. Ќелијата е темна, влажна… Се појавува Холгарт. Облечен во маслинеста боја, цинично му се смее на Курт. Личат еден на друг. Има две разлики. Холгарт е слободен човек. Но, Курт чека потомство. Нешто што Холгарт го нема. Проработува револтот, љубомората, која се преточува во нечовечно однесување…
Холгарт се вика Дејан Лилиќ. Во филмот насловен како „Индекс нула“ (Index zero), зад кој стои Lion Pictures International, се појавува и Јовановски. Тој ќе се обиде да им го покаже тајниот излез на Курт и на Ив. Сѐ се случува во време кога нема раси, нема граници, нема поделеност. Борба за преживување.
На филмот работеше продукцијата КЦБ, продукција на Македонецот Владимир Крстевски, кој во својата биографија има низа успешни филмови за големите странски продукции. Главни ликови во филмот се актерот од Велика Британија Сајмон Мерелс, кој македонската јавност го знае од улогата на Марк Крас, во Спартак, и романската актерка Ана Улуаро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.