Ренато Вугринец е подготвен да настапи за македонскиот шампион Металург во еден од клучните мечеви во Лигата на шампионите, што ќе се игра в сабота од 21 часот во СЦ „Борис Трајковски“. За „сините“ од Автокоманда изборот е само победа ако сакаат да ги продолжат надежите за пласман во нокаут-фазата, а токму Вугринец е алката што недостига.
– Јас сум подготвен за настап против Кил. Полека се санира повредата на дланката што ме мачеше од почетокот на сезоната. Јас сакам да играм, а дали ќе настапам в сабота, одлучува друг – вели за „Република“ извонредниот бек на Металург.
Во клубот владее финансиска криза, што ги подгрева шпекулациите дека и Вугринец ќе си замине и ќе тргне по стапките на голманот Дарко Станиќ. Понуди за 39-годишниот бомбардер на Металург има, а не е тајна дека заинтересирани се Данкерк, Вардар и уште неколку клубови што играат во Лигата на шампионите. Кој не би сакал да го види во своите редови ланскиот втор најдобар стрелец во Лигата на шампионите. Сѐ додека не настапи за Металург во новиот циклус во ЛШ, репрезентативецот на Македонија има можност да замине во друг клуб, кој игра во елитното клупско натпреварување во Европа.
– Јас имам договор со Металург, кој сѐ уште е важечки. Сѐ останато е шпекулација и не сум преговарал со ниту еден друг клуб. И тука, за жал, и медиумите во мојата татковина Словенија си прават конструкции за некакво мое заминување од Металург – вели Вугринец.
Вугринец не сакаше да говори за кризата во Металург, со коментар дека тоа е политика на клубот и дека за финансиите се одговорни други луѓе.
– Јас, искрено, би сакал да продолжи успешната приказна на Металург. Како ќе се развиваат работите, ќе видиме. Сега е најважно да се обидеме да го изненадиме Кил и да останеме во игра за пласман во следната фаза – заврши Вугринец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


