Не давајте никој да ве сопре или да ве натера да се посомневате дека сте во право. Секој од вас различно гледа на нештата и тоа свое гледиште чувајте го како нешто најсвето. Секој е доволно важна индивидуа и затоа не срамете се од тоа. Тоа е најдоброто во светот, им порача македонскиот актер Никола Ристановски на младите што учествуваат на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“, кој е во тек во Скопје.
Од вчера до сабота во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, во киното „Милениум“ и во „Кинотека на Македонија“ се одржуваат работилници, проекции на филмови, настани поврзани со филмот на кој учестуваат повеќе од 600 деца од десет земји.
Второто издание на „Џифони Македонија“ се одржува под мотото „Крстопат“, и во стилот на големите фестивали, каде што ѕвездите се појавуваат на црвениот килим, на „Џифони“ на зелениот килим денеска се појави актерот Ристановски.
Стотици деца стрпливо го очекуваа пристигнувањето на Ристановски на зелениот тепих, се сликаа со него, тој им делеше автограми пред џебното кино „Фросина“ во МКЦ, каде што потоа беше прикажан и краток омаж од филмови во кои тој глумел.
– Многу често избегнувам да се соочувам на овој начин со публиката и со пријателите кога треба да зборувам за тоа што го работам. Признавам дека никогаш до крај не сум направил однос кон тоа што е моја професија за да можам да го коментирам. Ова е посебна можност и можам да разговарам со лица на возраст, која ми е необично важна – вели Ристановски.
Тој пред присутните млади говореше за тоа како четири пати конкурирал и како го примиле на Факултетот за драмски уметности во Скопје во последниот обид.
– Драго ми е што можам да разговарам со оваа креативна група млади луѓе, кои сериозно размислуваат за своите желби, надежи, пориви и за тоа што би сакале да прават на овој свет. Не секирајте се, во право сте! Сè што ве плаши, загрижува, ве вознемирува, сето тоа треба да го промените – јасно и недвосмислно им порача Ристановски на младите, кои дојдоа да го слушнат актерот што има да каже.
Ристановски говореше и за разликата меѓу театарот и филмот, двата медиуми на кои може да го следиме и во кои е еднакво успешно.
– Театарот е многу повеќе уметност на актерот, а филмот е уметност на ракурсот, односно перспективата – вели Ристановски.
Младите ги интересираше и како тој ги снима сцените со секс.
– Имам два одговора на ова прашање: под еден – многу е здодевно, а под два, во театарот има две работи што е многу тешко вистински да се одглумат, смрт и љубов. Исклучително е тешко да се одглумат љубовни сцени, а притоа не мислам на секс-сцени. Не случајно зборувам за секс-сцени, туку за љубов. Тоа е суштината на нештата кон која треба да се стремат тие што снимаат филмови. Сето друго може да биде простаклак – им порача Ристановски на младите што учестуваат на Филмскиот фестивал за млади во Скопје.
Според програмата, утре на зелениот тепих е италијанскиот актер Андријано Валерио, а в сабота е македонскиот актер Сашко Коцев.
фото: Александар Ивановски
Видео: Дејан Станчевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)