
По премиерата на „Охридско лето“, синоќа во Драмски театар во Скопје премиерно беше изведена претставата „Ждрело“ на македонскиот автор Жанина Мирчевска, а во режија на Зоја Бузалковска. Со громогласен аплауз беше наградена играта на целата екипа, а посебно на главниот лик Рубенс Муратовски и на младата Ивана Павлаковиќ.
Текстот „Ждрело“ на македонската драмска авторка Жанина Мирчевска, која подолго време живее и работи во Словенија, е напишан пред осум години и е поставен во Словенско народно гледалишче во Љубљана во 2009 година, а претставата на Бузалковска е праизведба на овој текст во Македонија.
„Ждрело“ е трагикомична фарса, која говори за глобалната ненаситеност и на консумерскиот нагон во современото општество. Главниот лик, кој е безимен поради својата лакомост, се наоѓа во вителот на консумирачкиот и потрошувачки дух. На своето патешестиве од сиромашен отпуштен продавач на автобуски карти до богат наследник на огромно богатство, минува низ сопствениот пекол, кој е пат на сопствено спознавање.
„Ждрело“ отвора низа прашања што се дел од нашето секојдневние: здрав живот, педофилија, инцест, расипништво, заштита на животни, абортус, стереотипи, хомеопатија, реклами, потрошувачко општество… Сепак, кризата на духот е можеби најјасното место во „Ждрело“, а воедно и најсуштинското. Убивањето овде е заменето со јадењето, со ждерењето себеси и на сите и се околу себе со страста на алчноста, со лакомоста, со порокот на длабоко всадена потрошувачка психологија.
И како што рече Муратовски пред премиерата на „Ждрело“ ако не нѐ заболи тоа што ќе го видиме, тогаш нешто не е во ред со нас. А во ова консумирачко општество, ако сме продолжиле како што сме тргнале, тоа ќе нѐ проголта, ќе нѐ изеде.
Улогите во претставата ги толкуваат Рубенс Муратовски, Лилјана Велјанова, Диме Илиев, Трајанка Илиева – Таци, Филип Трајковиќ, Димитрија Доксевски, Александар Степанулески, Соња Стамболџиоска и Ивана Павлаковиќ. Костимите се на Лира Грабул, а авторската музика е на Огнен Анастасовски.
Во поставувањето на текстот на театарска сцена драматургијата е на Александра Бошковска, сценографијата на Љупчо Јованов, изведбата на сценографијата е на Тодор Дајевски, костимографијата на Лира Грабул, додека асистент на костимографија е Раде Василев. На кореографијата работеше Кренаре Невзати – Кери, композитор на музиката е Огнен Анастасовски, а маските кои се употребуваат во претставата се изработени од Ѓорги Ѓоргиевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


