| четврток, 6 декември 2018 |

Косовски момчиња стануваат бомбаши-самоубијци

гихадисти

Околу 200 муслимански момчиња од Косово заминале во Сирија и Ирак да ги жртвуваат своите животи борејќи се заедно со џихадистите за Алах, додека срцата на членовите на нивните семејства останале скршени, пишува „Би-Би-Си“.

Тоа е случај и со Аријета, сестра на Блерим Хете, која секој ден ги гледа фотографиите на својот брат кога бил мал, плаче и се прашува што се случи со детето кое го познавала и со неговите невини очи.

– Мојот брат имаше добар живот. Имаше пари. Немаше автомобил мерцедес, но имаше „опел“, ние бевме среќно семејство. И не можам да сфатам зошто го направи тоа – рече Аријета.

Блерим без зборови заминал од Косово на 24 години, на 7 август 2013 година. Два дена подоцна, Аријета добила информација дека тој е во Турција, меѓутоа кога се јавила на неговиот број на екранот се појавила порака „Добре дојдовте во Сирија“.

Кога преку „Скајп“ го прашала дали е во Сирија, Блерим негирал тврдејќи дека е во Турција за да учи арапски јазик и дека сака да најде жена која носи џихаб.

Набрзо мајката на Блерим во неговата соба нашла проштално писмо во кое напишал дека е на пат од кој повеќе нема да се врати.

Како многу други жители на Косово, семејството на Аријета е муслиманско, но никогаш не биле верници, наведе „Би-Би-Си“.

Меѓутоа, Блерим во еден момент почнал редовно да оди во џамии во Косово и да патува во Македонија.

Аријета вели дека и ден-денес гледа наоколу едно момче кое имало големо влијание на нејзиниот брат.
– Тој не му купи на Блерим карта за Сирија, но го носеше на места на кои луѓето зборуваат дека џихадот е добра идеја. Се надевам дека на тоа момче еден ден ќе му биде судено за тоа што го направи – рече со остар тон Аријета.

Таа мисли дека на нејзиниот брат му е испран мозокот и додава:

– Прво го заплашиле со работи кои ќе му се случат во пеколот. Потоа му ја кажале и позитивната страна, за рајот. Тоа го знам дека најдов некои негови белешки. Последните три месеци пред да замине Блерим многу се промени. Пушти брада, ги скуси пантолоните, како некои муслимани на Блискиот исток. И многу ги гледаше снимките од молитвите на имамите на јутјуб. Тогаш замина – вели неговата сестра.

На крај преку скајп и признал дека е во Сирија и дека се бори за својата вера и дека другите луѓе се лоши.

И рекол дека сака да умре за Алах и дека тоа за него ќе биде големо задоволство. Кога Аријета почнала да плаче и вришти прашувајќи се каква е таа вера што го тера да убива луѓе и себе, Блерим рекол дека повеќе нема да ја бара ако на тој начин разговара со него.
Кога разговарале на 24 март, тој тогаш рекол дека само исламот е исправна работа и дека можеби денес или утре ќе го сретне Алах.

Потоа разговарал со мајка му, замолувајќи ја да му прости за се што направил.

Еден ден подоцна на 25 март, Блерим се разнел со експлозив усмртувајќи 52 Ирачани.

Во медиумите стигна и случајот на 8 годишниот Ерион Абази од Косово кој татко му наводно во почетокот на јули го повел на излет по косовските планини, а всушност преку Албанија и Турција го одвел во Сирија во камп за обука на бомбаши самоубијци.

Семејството се уште е во шок и има спорадични контакти со детето.
Неговата мајка рекла дека Ерион преку телефон зборувал како маж, иако има само осум години.
Фотографиите на Ерион поставени на социјалните мрежи го прикажуваат со подигнат показалец, што е знак на Исламската држава и како со другите деца вежба гимнастика покрај црно знаме на џихадистите.

На Косово постои страв во семејствата чии членови заминале во Сирија, дека поради тоа можат да останат без работа.

Околу 70 луѓе се притворени поради поврзаност со исламскиот екстремизам, а косовските власти максимално го зголемија степенот на будност, наведе Би-Би-Си.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top