По премиерата на „Браќа Манаки“ во Битола, деновиве и во Скопје се очекува премиерата на „До балчак“ на македонскиот филмски режисер Столе Попов, а Вие сте потпишан како композитор, аранжер и продуцент на музиката на филмот. Ја чувме најавната песна „Тангодо балчак“, чијашто музика нѐ врати во времето, пред многу години. Уживавте ли додека ја создававте музиката за овој филм?
Бојаџиев: Работата на музиката за „До балчак“ беше посебно задоволство, најинспиративниот филм на кој сум имал можност да работам. Филмот е магичен, во секој поглед. Совршен спој на режија, сценарио, фотографија, приказна и глума. Со Столе Попов имавме преубава соработка од почеток до крај. Човек со огромно искуство и талент. Процесот на снимање на музиката се одвиваше во две фази, една во Скопје снимајќи македонски музичари, а другата во Њујорк каде што ги довршив снимањата со овдешни музичари и ја финализирав музиката. Ќе следува и албум.
На насловната тема вокал е битолчанецот Крсте Роџевски, инаку психијатар по професија, кој има своја ординација во Њујорк. Неговиот глас е магичен, велат како хибрид меѓу Бадев и Сариевски. Глас што ве остава без текст. Како дојде до соработка со Крсте?
Бојаџиев: Крсте го познавам од моите медицински студии во Скопје, но станавме блиски кога се најдовме во Њуjорк пред 12 години. Првите две години од дружењето немав поим дека пее. Потоа се најдовме во роденденска атмосфера со клавир, и тој ме праша дали може да го придружувам да отпее една македонска изворна песна. Кога почна да пее, здивот ми застана, сфатив дека мојот драг пријател е еден од најавтентичните гласови што сум ги слушнал. Другото е историја. Неговиот глас се наоѓа на многу мои албуми, филмска музика и концерти.
Медиумите во Македонија веќе пишуваа за одличната дружба што владее во Њујорк, која понекогаш заличува на најлежерните моменти од „Зи-Зи“ во Скопје во добрите деведесетти години на минатиот век. Кој ја сочинува дружбата?
Бојаџиев: Њујорк во последниве години има собрано врвна македонска екипа, од артисти до банкари, многу се, да не ги набројувам по име, но дружбите за кои станува збор се случуваат повремено и, навистина, имаат нешто од тој стар скопски дух, секако сето тоа во њујоршка димензија. Тука сите се во тешко работно темпо, така што моментите на релаксираност и на убава дружба се релативно ретки и бесценети!
Повеќе од 12 години живеете надвор од Македонија и ја промовирате земјата со вметнување етноелементи во Вашата музика, но признавате дека сте во постојана потрага по нови стилови.
Бојаџиев: Македонија ја промовирам со квалитетна музика како македонски автор што работи на интернационалната сцена, а користам и етномотиви ако има простор. Не сум во потрага по нови стилови, туку по инспирација, а таа не доаѓа секогаш од музиката, некогаш едноставна прошетка со велосипед покрај река може да отвори многу идеи и да донесе свежа инспирација.
Пишувате, компонирате, продуцирате и сето тоа во Њујорк, кој е џунгла од таленти во која сите сонуваат да успеат. Конкуренцијата е жестока, но вие важите за успешен Македонец во Њујорк, кој е конкурентен во музичкиот бизнис. Како се успева во Њујорк?
Бојаџиев: Најтешко прашање. Нема формула, во прашање е комбинација од квалитет, упорност и од среќа. Многу работа, често немање ни викенди, некогаш со години неодење на одмор, ама сето тоа е лесно ако се прави со толку мерак. Фактот дека сум во Њујорк и го работам тоа што го сакам деноноќно секогаш ме правел да се чувствувам како на одмор. Ми ги полни батериите. Толку ми е мила работата што не ја чувствувам како работа.
Велите дека секој композитор на 21 век треба да има широк дијапазон. Музиката е една, но различни се стиловите на израз. Кој Ви прилега најмногу?
Бојаџиев: Најмногу ми прилега филмската музика од повеќе аспекти. Во еден филм може да има од акустична до електронска музика, од класика до џез, во зависност од приказната, сцената, периодот кога се случува. Потоа истото излегува како албум. А да издадам албум со толку стилови музика, ќе биде чудно, вака не е.
Уживате во создавањето филмска музика, а соработувавте и со американскиот режисер Џонатан Деми. За кој филм правевте музика?
Бојаџиев: Филмот на Џонатан Деми се вика „Страв од паѓање“ (Fear of falling), направен од театарско сценарио на Хенрик Ибзен. Тој е длабоко емотивен и целиот филм се случува 10 минути пред смртта на еден врвен архитект. Музиката бараше, навистина, голема магија, да се долови психолошката состојба на умот на тој човек. Голем предизвик, на кој работев со тимот на Деми и многу научив од овој проект. Преубаво искуство е да се работи со таков зрел и исклучително талентиран режисер како Деми и со тимот што тој внимателно го одбрал. Веднаш потоа ми се јавија за „До балчак“, кој ми дојде во најсовршен момент.
Вие сте еден од малкуте Македонци, по пијанистите Симон Трпчески и Никола Паскалов, кои имале свој настап во престижниот „Карнеги хол“. Таму бевте испратен со овации. Кажете ни нешто повеќе за тој настап…
Бојаџиев: „Карнеги хол“ одамна ми беше предизвик, но некако требаше да се спојат ѕвездите за да се случи. Беше спектакуларно, имав 14 многу талентирани изведувачи на сцена и прекрасна публика. Магична вечер. Истата магија успешно ја пренесовме и во Античкиот театар во Охрид, во поголем состав, три месеци подоцна.
Кој е следниот проект што го работите?
Бојаџиев: Моментно подготвувам материјал за концерт со Македонската филхармонија, на 13 февруари 2015 година, и работам на нов албум.
Во Њујорк живеете со Вашето семејство. Како се расте дете во Њујорк?
Бојаџиев: Живееме многу блиску до Централ парк, така што син ми Теодор има големо игралиште за секојдневни лудории. Мојата сопруга Флора е активно фокусирана на него и ми дава голем временски простор и поддршка да се посветам на работата. Син ми само што наврши две години, ќе видиме како се расте дете понатаму, до сега беше уживање.
Разговараше: Марина Костовска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.