Најголем губитник е државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување бидејќи за три месеци загуби 28.070 евра откако во декември ги продаде своите 78.951 акција. Акциите што ПИОМ ги продаде по 89 денари за акција сега носат дивиденда од 21,9 денари за акција.
„Хотели Метропол“, најголемата охридска туристичка компанија, ќе подели 22,67 милиони денари дивиденда (во бруто-износ) за сите акционери, објави денеска компанијата. Најголем дел од дивидендата ќе ја земе групата „Фершпед“, која таму поседува 73,5 отсто од акциите и ќе добие 16,66 милиони денари (270.450 евра) дивиденда. „Фершпед“ е ослободен и од плаќање данок за оваа дивиденда поради тоа што како правно лице ги користи олеснувањата од антикризните економски мерки со кои Собранието на предлог на Владата ги ослободи од данок на добивка сите правни лица.
Со поддршка од најголемиот акционер „Фершпед“ , „Метропол“ одлучи да подели дивиденда во бруто-износ од 21,9 денари за акција на последното акциоенерско собрание на компанијата што се одржа вчера во Охрид. Дивидендата ќе се исплати од добивки што „Метропол“ ги оствари лани во износ од 3 милиони денари и од нераспределената добивка од 2008 година во износ од 19,67 милиони денари. Според официјалната објава на компанијата, право на дивиденда ќе имаат сите сопственици на акции регистрирани во базата на Централниот депозитар за хартии од вредност на 18 март годинава.
Ако се спореди со последната пазарна цена на таа акција на нашата берза излегува дека „Метропол“ е најдобитната компанија од аспект на дивиденда за 2012 година. Последната цена на нејзината акција беше 120 денари. Излегува дека за правно лице приносот од дивиденда е 18,25 отсто, а за физички лица е 16,4 отсто заради тоа што тие треба да платат данок на добивка, а фирмите се ослободени од таа давачка.
Како и да е приносот е екстра висок ако се спореди со просечна годишна банкарска камата на орочен денарски депозит што не надминува 6 отсто.
Од одлуката на „Фершпед“ ќе се офајдат и 522 акционери домашни физички лица, кои според официјалната евиденција поседуваат 18,2 отсто од сите акции во „Метропол“. Тие сега ќе поделат 62.000 евра.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.